ВИДЕО | Дали „Пријателките“ повторно ќе се обединат? – Анистон и Кудроу размислуваат за нова хумористична серија со Кокс
Повеќе од три децении по премиерата на култната серија „Пријатели“ (Friends), две од нејзините најголеми ѕвезди, Џенифер Анистон и Лиза Кудроу, присуствуваа на заедничко емотивно интервју, пишува „Верајтеи“. Актерките, кои приватно се блиски пријателки, се немале видено речиси година и половина.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Причината за тоа биле нивните професионални ангажмани, Кудроу работеше на третата и последна сезона од нејзината серија „Враќањето“, додека Анистон ја заврши четвртата сезона од хит-серијата „Утринското шоу“.
Интервјуто донесе многу солзи и носталгија, особено кога Лиза Кудроу откри дека последната сезона на нејзината серија се снимала на фамозната „Сцена 24“ во студиото на Warner Bros, токму таму каде што се снимаа „Пријатели“ пред жива публика.

Дополнителен емотивен момент беше фактот што синот на Лиза, Џулијан Стерн, со кого таа беше бремена за време на снимањето на „Пријатели“, има споредна улога во оваа нова сезона на „Враќањето“.
„Тој порасна постојано слушајќи го смеењето на публиката“, истакна Анистон.
Кудроу се присети на убавите денови кога екипата на „Пријатели“ пред секое излегување на сцена правела заеднички круг за поддршка и нежно го допирала нејзиниот труднички стомак за среќа. Таа сподели и една забавна анегдота, кога Џулијан проодел, покажувал кон телевизорот во Џенифер Анистон и велел „Мамо“.
Кудроу призна еден изненадувачки факт, таа со години одбивала да ја гледа серијата што ја прослави. Освен на самиот почеток, кога актерската екипа заедно се собирала по домовите да ги гледа првите епизоди, таа никогаш не ја пуштала серијата дома бидејќи ѝ било непријатно некој да ја затекне како се гледа самата себеси. Сепак, неодамна ја изгледала целата серија од почеток до крај.
„Ја засакав со сето срце. Ќе седнев да гледам и останував така по три часа, сè до два по полноќ“, призна Кудроу, фалејќи ја глумата на Анистон.
Двете актерки се присетија на некои од најсмешните моменти кои и денес предизвикуваат смеење до солзи, како сцената кога Рос свири на гајде, епизодите за Денот на благодарноста, вклучувајќи ја и онаа со Бред Пит и сцената со Алек Болдвин и Мет Лебланк -Џои кој мисли дека фрлената острига на подот е „џиновски мрсул“.
Тие се осврнаа и на холивудските мегаѕвезди кои гостувале во серијата, како Брус Вилис, Џулија Робертс, Шон Пен и Изабела Роселини, откривајќи дека сите тие биле неверојатно нервозни на сетот бидејќи тој специфичен ТВ формат со жива публика им бил сосема непознат. На нивните прашања како да се постават, Кудроу едноставно им советувала: „Само зборувајте погласно“.
Разговорот се насочи и кон актуелниот проект на Анистон, „Утринското шоу“. Во последната сезона, нејзиниот лик Алекс Леви се соочува со тешки семејни теми преку односот со нејзиниот отуѓен татко, професорот Мартин, кој го толкува Оскаровецот Џереми Ајронс.

Кудроу посебно ја пофали емотивната сцена во која Алекс дознава дека нејзината мајка страдала од постпородилна депресија пред да ја напушти. Анистон призна дека тие сцени биле голем емотивен предизвик бидејќи и самата имала многу комплициран однос со сопствениот татко во реалниот живот. За Џереми Ајронс, пак, имаше само зборови за фалба, опишувајќи го како прекрасен, забавен и разигран човек, кој на сетот се однесувал како едно големо дете.
Највозбудливиот момент за фановите дојде на самиот крај од разговорот. Евоцирајќи ги спомените и љубовта кон стариот ситком формат пред жива публика, Лиза Кудроу отворено предложи нов проект.
„Би сакала да направам уште еден ситком доколку некој напише добра приказна. Може ли да бидеме ти, јас и Кортни? Што би можело да биде тоа?“, праша Кудроу.
Џенифер Анистон со воодушевување ја прифати идејата, предлагајќи приказна за три пријателки и додавајќи дека веднаш треба да ја развијат идејата. Разговорот го завршија со ветување дека наскоро мора да се соберат на заедничка вечера со Кортни Кокс за да го комплетираат нивното славно трио.


