Илустративна фотографија за возрасна жена / Фото: Pexels

На жена со Алцхајмер ѝ дале голема доза „магични“ печурки, резултатите се изненадувачки

По една деценија когнитивно и функционално влошување, 80-годишна пациентка со напредната форма на Алцхајмерова болест покажала извонредни знаци на подобрување, пишува „Њујорк пост“.

Била потребна само една доза од експериментален халуциноген за повторно да почне да зборува повеќе отколку што зборувала со години, а тоа е само дел од листата на забележани подобрувања.

Псилоцибинот, психоделичната состојка што се наоѓа во таканаречените „магични печурки“, претходно бил посочуван како потенцијално ефикасен третман за депресија, анксиозност, зависности и посттрауматско стресно нарушување.

Алцхајмеровата болест, која погодува милиони луѓе ширум светот, постепено ги уништува меморијата, способноста за размислување и можноста за извршување на основни секојдневни задачи. Оваа невродегенеративна болест вообичаено се смета за состојба на неповратен пад, обележана со губење на самостојноста, комуникацијата, контролата врз физиолошките функции, подвижноста и социјалните интеракции. Постоечките третмани главно се насочени кон поддршка на пациентите, а функционалното закрепнување се смета за многу малку веројатно. Сепак, истражувачите сега велат дека псилоцибинот би можел да има потенцијал и во третманот на Алцхајмерова болест.

Во студијата, објавена во списанието „Фронтиерс ин невросајенс“, научниците ја следеле состојбата на 80-годишна Американка со Алцхајмерова болест. Во текот на претходната деценија нејзината состојба значително се влошила. Таа страдала од уринарна инконтиненција, комуницирала само со едносложни зборови и зависела од помош од негуватели за движење.

Потоа ѝ била дадена доза од пет грама „магични печурки“. Во почетната фаза пациентката била вознемирена, обилно се потела и западнала во продолжена состојба на сон што наликувала на бессознание. Но околу 19 часа подоцна почнала да зборува во целосни реченици и да се присетува на животни настани за кои со години не можела да зборува. Во деновите и неделите што следеле биле забележани уште поизненадувачки промени. Таа повторно воспоставила контрола врз мочниот меур, дури и во вечерните часови, почнала сама да се облекува, да одржува контакт со очите, да се сеќава на социјални интеракции, емоционално да реагира на луѓето околу себе и да води јасни разговори. Еден месец подоцна, пациентката и понатаму имала контрола врз мочниот меур и пријавила позитивно емоционално искуство, велејќи им на луѓето околу себе: „Убаво е да се доаѓа тука“. Подоцна ѝ била дадена уште една доза од три грама псилоцибин, по што било забележано дополнително подобрување на говорот, чувството за хумор и подвижноста при одење.

Колку и да изгледаат чудесно овие резултати, авторите на студијата нагласуваат дека подобрувањата биле привремени и дека псилоцибинот не ја излекувал болеста. Невродегенеративниот процес продолжил да постои. Тие не прецизираат колку долго траеле подобрувањата.

Сепак, истражувањето сугерира дека одредени функции за кои се смета дека се неповратно изгубени во доцните фази на деменцијата можеби не исчезнуваат целосно, туку стануваат недостапни. Според научниците, можно е психоделичното искуство привремено да овозможи повторен пристап до нив.

Авторите истакнуваат дека главното ограничување на студијата е тоа што се работи за само еден пациент.

Претходни истражувања покажале дека соединенијата во псилоцибинот можат да поттикнат создавање нови мозочни врски, а исто така ги активираат серотонинските рецептори кои влијаат врз когницијата, расположението и перцепцијата.

Други студии откриле дека псилоцибинот може да ги ублажи симптомите на депресија и до пет години по само една доза.

Позитивните ефекти на „магичните печурки“ довеле до зголемен интерес за таканареченото микродозирање – земање многу мали количини со цел подобрување на расположението и секојдневното функционирање. Но оваа психоделична супстанца носи и ризици. Може да предизвика непријатни искуства, интензивни халуцинации, вознемиреност и дезориентација.

„Магичните печурки“ можат да предизвикаат луѓето да гледаат, слушаат или чувствуваат нешта што не се реални, што може да биде вознемирувачко и да доведе до несреќи. Во најтешките случаи, тие можат да предизвикаат психоза, а лицата со историја на биполарно растројство или шизофренија се изложени на поголем ризик.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот