Нерегулираното размножување на нечипирани и нестерилизирани миленици е главна причина за глутниците низ Скопје
Професорот Влатко Илиески од Факултетот за ветеринарна медицина потенцираше дека во Македонија повеќе од 50 отсто од домашните кучиња не се микрочипирани, додека пак околу 80 проценти од сопственичките кучиња во државата не се стерилизирани, а со тоа се активен извор на нерегулирано репродуцирање и директно влијаат врз зголемувањето на бројот на уличните кучиња.
Скопските улици секојдневно се „населуваат“ со нови непознати кучиња, кои како глутници се присутни во повеќе делови од градот и со нивното присуство и непознато потекло ги плашат скопјани. Како што вели директорот на ЈП „Лајка“, Војислав Димитровски, претпријатието е само „пожарникар“ што се обидува да го среди проблемот со бездомните кучиња кој подолг период постои во главниот град, но според него, главниот проблем се незаконските „дотури“ на кучиња, како и нерегулираното репродуцирање.
Препорачано
– „Лајка“ нормално дека има зголемен капацитет во овој момент, но верувајте дека максимално се трудиме да го решиме проблемот. Сепак, доколку како општество постојано оставаме нови кучиња на улиците, како народ и како менталитет на тој начин нема да можеме да стигнеме до брзи резултати. Нашата работа е да го гаснеме пожарот, и во тоа имаме одлични резултати, а бројките на заловени кучиња ќе се зголемуваат – вели директорот на „Лајка“.

Проблемот не се решава од денес за утре
Тој призна дека има голем број глутници низ Скопје и истакна дека дел од нив се веќе адресирани и се заловени, но како што вели, процесот не е лесен кога се работи за кучиња што се донесени од различни места и тешко се социјализираат во главниот град.
– Верувајте дека не е лесно, особено кучиња што, најверојатно, имаме индикација дека се дислоцирани од други простори, кои се несоцијализирани и не може толку лесно да бидат заловени. Нашите екипи веќе применуваат и алтернативни методи, веќе набавивме и сосема нова опрема, со цел точно овие типови несоцијализирани кучења, да можеме да ги заловиме колку што може во побрз временски период – вели тој.
Димитровски пред почетокот на тридневниот саем на ЈП „Лајка“, кој ќе трае до недела, потенцираше дека главната цел е да се зголеми јавната свест кај граѓаните, да престанат дотурите и нерегулираните парења на миленици.
„Лајка“ бара трпение од граѓаните: Глутниците кучиња низ Карпош се плашливи и тешко се заловуваат
За промена, треба да се адресира изворот на проблемот
Сепак, според професорот Влатко Илиески од Факултетот за ветеринарна медицина, главниот фокус на градските власти и на јавноста во изминатиот период е ставен на бездомните кучиња и на нивниот нелегален транспорт, наместо, како што вели тој, акцент да се стави на главниот проблем, а тоа изворот на нови кучиња, кој според него се домашните кучиња што не се микрочипирани и не се стерилизирани и кои неконтролирано се репродуцираат.
– Тоа треба да ни биде примарна цел и за нас, но и за градските власти заради тоа што секоја политика која градот ја креира за кучињата треба да тргне од вкупниот број на кучиња во Општината. Има иницијативи да се направат паркови за кучиња и гробишта за кучиња иако не се знае кој е точниот број за кучиња – вели Илиески.
Професорот потенцираше дека во Македонија повеќе од 50 отсто од домашните кучиња не се микрочипирани, додека пак околу 80 проценти од сопственичките кучиња во државата не се стерилизирани.
– Статистички, за жал, процентот на микрочипирани кучиња во Македонија е многу мал, повеќе од 50 отсто од вкупната бројка на домашни кучиња во државата не се регистрирани и не се чипирани. Исто така, колку што знам, во моментов, некаде околу 80 отсто од сопственичките кучиња низ државата не се стерилизирани, тоа значи дека изворот на нови бездомни кучиња доаѓа токму оттаму, од неконтролираното репродуцирање – објаснува тој.
Новиот закон за миленици е ригорозен и јасен, но заглави во бирократијата
Санкции и контрола над неодговорните сопственици
Илиески смета дека со новите измени на Законот за благосостојба на животните ќе се стави поголем акцент на санкции и контрола на неодговорното сопствеништво, но и ќе се дадат поголеми обврски на локалните самоуправи да направат статистика од бројот на регистрирани кучиња на нивната територија, која според него е многу важна за имплементирање на новите одредби за контрола на репродукцијата.
Граѓаните од денеска можат привремено да вдомуваат кучиња од стационарот на „Лајка“
– Секој градоначалник и раководно лице во градовите треба да го знае точниот број сопственички кучиња, тоа е едното ниво на контрола. Потоа, второто ниво е колкав процент од тие кучиња се стерилизирани или не. Со новиот Закон за благосостојба на животните има иницијатива да се стават поголеми казни за неодговорно сопствеништво, доколку тоа се случи, а кучињата не се микрочипирани, таа одредба нема да може да се имплементира што значи дека примарна цел на сите активности што ги правиме на оваа тема во државата е да биде одреден вкупен број на кучиња, колкав број се микрочипирани и колкав број кучиња има во сите градови – вели Илиески.
Според него, од правен аспект, домашните кучиња кои не се микрочипирани и не се стерилизирани фактички претставуваат бездомни кучиња за кои нема никаква евиденција. Токму затоа, како што вели тој, со новите одредби наменети за превенција на нерегуларната репродукција, ќе се регулира и контролираат и кучињата чии сопственици ќе одлучат да не ги стерилизираат.
– Ако зборуваме од правен аспект, тие кучиња не се сопственички кучиња бидејќи тие не се регистрирани, не се микрочипирани и еве, на пример, доколку едно куче излезе од дворот и нема чип и не е стерилизирано, тоа фактички е бездомно куче бидејќи за него нема никаква евиденција. Во новиот закон се предвидуваат и одредби со кои ќе се обидеме да воспоставиме контрола на репродукцијата преку регистрација и одобрување на одгледувачите. На сите оние сопственици кои ќе одлучат дека не сакаат нивното куче да биде стерилизирано или кастрирано, да мора да биде под одреден надзор на ветеринарната служба со цел да имаме контрола на здравствената состојба на кучињата, а и воедно контрола на „новите“ кучиња.
Скопските улици под нова опсада од глутници кучиња, во Карпош е најкритично
Тој најави и дека со новиот закон ќе се зголемат и казните за ветеринари што нема да микрочипираат куче.
– Тие казни сега се многу мали, а кога ќе се изгласа новиот закон, тие ќе бидат драстично поголеми, изнесуваат неколку илјади евра, но доколку не направиме точна евиденција на кучињата што се микрочипирани, таа одредба нема да може да се имплементира – предупредува професорот.
„Лајка“ мора да се шири
Од 1 април до денес, службите на „Лајка“ во Скопје заловиле и истретирале 261 улично куче, а директорот Димитровски соопшти дека неговата цел е до крајот на годината да бидат заловени и стерилизирани до 2.200 кучиња.
Расте трендот за вдомување, од јануари 74 кучиња стационарот на „Лајка“ го замениле со нов дом
Тој потенцираше, како што велеше и неговата претходничка Радмила Пешева, дека „Лајка“ има ограничен капацитет на боксови во стационарот и има потреба за зголемување и проширување на капацитетите, а дотогаш се прават различни програми како што е „фостерингот“, преку која граѓаните имаат можност привремено да вдомуваат миленик со што ќе ги ослободат капацитетите на прифатилиштето.
– Имаме релативно ограничен капацитет на боксови, а преку „фостерингот“ (привремено посвојување) гледаме да го зголемиме капацитет на кучиња кај граѓаните, односно секој што сака времено да причува животно и да го социјализира, а потоа ако одлучи може и трајно да го вдоми, тоа е целта. Изминатите години процентот на вдомени кучиња од вкупниот број што биле заловени изнесува 35-38 отсто, што е сериозно голем процент.
Димитровски додаде дека „Лајка“ има потреба од проширување и додаде дека Градот ја поддржува оваа одлука и дека во моментов се бара нова локација за стационар и се прави мониторинг на улица за да се одреди бројот на кучиња во Скопје, по која треба да се проектира и новиот стационар и неговиот капацитет, што веројатно значи дека ќе се релоцира сегашното прифатилиште.
– Во моментот „Лајка“ има регистриран капацитет за да вдоми 140 кучиња. Реално ни треба зголемување и се надевам дека во следниот период ќе изнајдеме соодветно решение. Финансиите на Градот не се проблем за оваа дејност и имаме поддршка. Во моментов се прави мониторинг кој е во фаза на изработка со што ќе знаеме точно колку кучиња имаме на улиците и колкав процент од бездомните кучиња се стерилизирани, со цел да може новиот објект да го дизајнираме според потребите на градот – соопшти директорот.


