Скопските улици под нова опсада од глутници кучиња, во Карпош е најкритично
Од ЈП „Лајка“ за „Слободен печат“ изјавија дека до крајот на неделата, низ градот, особено во Карпош, ќе има засилено присуство на вработени и заловувачи за побрзо и поефикасно справување со новите глутници кучиња.
Во изминативе десетина дена на социјалните мрежи масовно се објавуваат и се споделуваат видеа и фотографии од „нови“ глутници кучиња и агресивни улични животни што се појавија низ Скопје, особено во Кисела Вода и во Карпош, каде што ситуацијата е и повеќе од алармантна.
Препорачано
Жителите на Кисела Вода активно објавуваа за неколку агресивни кучиња што напаѓале на две локации во општината, едната е кај бензинската „Макпетрол“ позната како Мечкаров во населбата Расадник, додека, пак, пријави за агресивни кучиња и за нападнати граѓани имаше и во близина на Рампа, од каде што беше споделен и видеозапис од моментот кога жителка е нападната од глутница улични кучиња.
– Истата глутница кучиња што се појавува 100 пати моментално е кај бензинската „Макпетрол“ во Расадник. Кучињата напаѓаат и се пуштаат по луѓето и на други кучиња, зошто сѐ уште не се уловени? – прашува жител на Кисела Вода на социјалните мрежи.
Во Карпош е најкритично
Ситуацијата е многу посериозна во општината Карпош, каде што веќе има „традиција“ на појавување нови улични кучиња по коловозите и маалата, како што беше примерот кон крајот на годината, кога кај „Сити мол“ се појавија повеќе од десет кучиња без ушни маркички, што целосно го отвори прашањето за нелегалниот дотур на кучиња од околните села и градови во Скопје и, поради големиот јавен притисок и незадоволство кај скопјани, ги активираше „алармите“ кај МВР, Градот и кај Агенцијата за храна и ветеринарство.

Денес во Карпош проблемот не е воопшто решен, туку, според граѓаните е и влошен, откако во рок од една недела жителите пријавија неколку глутници кучиња на повеќе локации низ општината.
Карпошани снимија голема глутница од повеќе од десет улични кучиња како преку зелената површина го поминуваат булеварот „Партизански одреди“, потоа глутница беше забележана на улицата „Женевска“, како и кај објектот на Германската амбасада, во близина на основното училиште „Владо Тасевски“ и на булеварот „Илинден“, каде што кучиња во утринските часови ги напаѓале минувачите и лаеле по автомобилите.
Од Општина Карпош во врска со овој проблем за „Слободен печат“ соопштија дека екипи на ЈП „Лајка“ и за велигденските празници неуморно работеле за отстранување на кучињата скитници што ги напаѓаат карпошани.
– Екипите на ЈП „Лајка“ во изминатите денови постојано се на терен. Кучињата скитници што напаѓаат, ќе бидат заловени од надлежните. Празничните денови, како и денеска од утрото, неуморно работат на терен, со цел да се отстранат глутниците кучиња и пред сѐ поради безбедноста на граѓаните. Локалната самоуправа е во постојана комуникација со службите на ЈП „Лајка“ сѐ додека не се реши овој проблем. Во рамките на соработката меѓу ЈП „Лајка“ и МВР веќе се постапува по договорените активности. ЈП „Лајка“ дејствува на терен со два тима за заловување, при што се користат и хемиски средства, додека МВР е информирано и реагира по пријави за нерегуларно испуштање кучиња – велат од Општината.
„Безбеден град“ е активиран, се бараат возилата што носат кучиња
Скопските улици очигледно повторно се мета на нелегалниот дотур на улични кучиња, а како што за „Слободен печат“ одговорија од МВР, системот „Безбеден град“ веќе започнал да се користи за пронаоѓање на луѓето и на возилата што го прават ова незаконско пренесување улични животни во Скопје, но досега не е фатен ниеден од сторителите.
– СВР Скопје во соработка со град Скопје и ЈП „Лајка“ презема интензивни мерки и активности за сузбивање на оваа појава. Имено, полициски службеници во континуитет преземаат соодветни оперативни мерки за откривање на сторителите, се вршат разговори со граѓаните и се прегледува видеоматеријал од системот „Безбеден град“. Активностите за пронаоѓање на сторителите продолжуваат се до нивно пронаоѓање.

„Лајка“ неделава со засилени теренски активности во Карпош
Во однос на нападите од кучиња во Кисела Вода и глутниците во Карпош, на нашите прашања од „Лајка“ и од Градот Скопје добивме еден, заеднички одговор, во кој тие соопштија дека изминатава недела екипи две екипи на претпријатието се излезени на терен на критичните локации во овие две општини, и како што велат, активно ги бараат и ги заловуваат уличните кучиња.
– Во изминатата недела се постапувало на посочените локации во општините Кисела Вода и Карпош, а активностите продолжуваат и оваа недела, заедно со нови локации врз основа на пријави од граѓани. Екипите на ЈП „Лајка“ биле и сè уште се присутни на терен во овој реон. Активностите се одвиваат на потегот од Рампа, преку трим-патеката, па сè до КАМ маркетот, локации каде што најчесто се пријавува присуство на групи кучиња. Екипите на ЈП „Лајка“ веќе се активни на терен во Кисела Вода и во Карпош – велат од Градот Скопје.
Од „Лајка“ за „Слободен печат“ изјавија дека до крајот на неделата, низ градот, особено во Карпош, ќе има засилено присуство на вработени и заловувачи за побрзо и поефикасно справување со новите глутници кучиња.
– До крајот на неделата, нивното присуство ќе биде засилено со дополнителен број вработени, со цел поефикасно справување со проблемот со глутниците, вклучително и новопојавените кучиња на булеварите „Партизански одреди“ и на „Женевска“ – велат од претпријатието.
Градот апелира граѓаните да пријавуваат
Од Градот упатија апел до сите граѓани секој инцидент со улични кучиња, напад или глутници, да го пријавуваат во МВР, „Лајка“ и во АХВ, со цел да помогнат во пронаоѓање на животното за негово побрзо заловување, отстранување од улиците и негово евентуално вдомување.
Во однос на каснувањата, од Град Скопје посочија дека сите нападнати и повредени граѓани треба да достават медицинска документација за добивање отштета што изнесува од 30.000 до 60.000 денари доколку се решава вонсудски.
– Во зависност од степенот на повреда, врз основа на мислење од лекари (трауматолози и психолози) со вонсудска спогодба се исплатува меѓу 30.000 – 60.000 денари што е двојно помалку споредено со тоа доколку предметот се спроведе судски – појаснија од Град Скопје.
Град Скопје им исплати 750 илјади евра на каснатите од бездомни кучиња
Лани Градот им исплати вкупно 750 илјади евра на скопјани поради каснување од улични кучиња, додека, пак, ЈП „Лајка“ исплатила околу милион денари.


