Фото: ARSO

Силно невреме го погоди регионот: Град, поплави и силен ветер во Словенија, Хрватска и Србија

Силно невреме со обилни врнежи, грмежи, град и силен ветер го зафати регионот. Метеоролошките служби во Хрватска, Словенија и Србија издадоа предупредувања поради опасност од локални бури, поројни дождови и можни штети.

Во Хрватска, портокалово предупредување е издадено за регионите Загреб и Карловац поради локално изразени врнежи од дожд со грмежи и повремени силни ветрови. Метеоролозите предупредуваат дека постои можност за развој на посилна бура во вечерните часови.

Загреб веќе беше погоден од дожд и грмежи во утринските часови, а портокалово предупредување е на сила и за регионите Сплит и Дубровник поради екстремно високите температури, кои достигнуваат до 35 степени Целзиусови.

Жолти предупредувања за грмотевици се издадени за подрачјата на Осиек, Госпиќ и Риека, каде што се очекуваат локални врнежи со грмежи и повремено силен ветер. Во Кварнер се можни налети на ветер со брзина од 65 до 75 километри на час.

Силно невреме со обилни дождови и ветер ја зафати и Словенија, каде што најголеми проблеми има во Горењска и Корошка. Службите за итни случаи интервенираа поради паднати дрвја и поплави предизвикани од поројните врнежи.

Во пошироката област на Крањ, силниот ветер предизвика штети на повеќе локации, а најголеми проблеми со водата има во општините Горења Вас и Накло. Интервенции имало и во областите Преваље и Дравоград. Според словенечките служби, засега нема информации за повредени лица.

Словенечката Агенција за животна средина (АРСО) објави дека обилните дождови продолжуваат во североисточниот дел од земјата. На една метеоролошка станица биле измерени 31 милиметар дожд за само половина час, што може да предизвика проблеми со патиштата и нагло зголемување на водостоите.

Невремето стигна и до Србија, каде што силна бура проследена со дожд, град и силен ветер погоди делови од западниот дел на земјата. Најпогодени беа подрачјата околу Нова Варош, Златибор и Ариље.

Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) предупреди дека зоната на врнежи се движи кон исток, кон Шумадија и Поморавје. Во следните часови се очекуваат интензивни врнежи со грмежи, локална појава на град и силни, бурни ветрови.

Во Гуча силниот ветер откорна гранки и оштети дрвја, а една голема липа падна врз станбена зграда. Според очевидци, нема повредени лица.

Дожд и локални грмотевични врнежи се очекуваат и во Белград, особено во јужните делови на градот.

Метеоролозите предупредуваат дека нестабилното време ќе продолжи и во наредниот период, со можност за нови локални невремиња, особено во попладневните и вечерните часови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот