Рама за изјавата на министерката Пауновиќ: „Нема да хистеризираме секогаш кога во Белград ќе се појави некој лудак“
Албанскиот премиер Еди Рама реагираше на критиките од дел од јавноста и политичарите во Албанија поради тоа што јавно не се огласи по изјавата на српската министерка Снежана Пауновиќ, која рече дека „би извршила етничко чистење на Косово“, објави „Нова“.
Препорачано
Рама на социјалната мрежа „Икс“ напиша дека Албанија одговорила преку институциите, како што е предвидено.
„Идејата дека секој човек со јавен глас, секоја институција и секој авторитет мора да реагираат на секоја глупост кажана на српски јазик, дури и кога тоа го изговараат луѓе за кои дотогаш знаело само нивното семејство, покажува колку малку се почитуваат себеси и својата држава оние што креваат врева и бараат објаснување зошто овој или оној не се огласил“, рече Рама.
Скандалозна изјава на српска министерка: Етнички би го исчистила Косово во 1998 година
Како што наведе тој, владата реагирала преку министерот за надворешни работи, „онака како што постапува држава која се почитува себеси“.
„Оние што очекуваат ние да хистеризираме секогаш кога во Белград ќе се појави некој лудак и ќе почне да зборува бесмислици, ја згрешиле адресата. Доволно е да се погледнат овие дежурни коментатори од Тирана, кои го наоѓаат секој ‘мртов коњ’ за да се претстават како воини на првата линија, па веднаш станува јасно зошто нивната категорија заслужува само уште една доза сожалување. А ако сакате од силното чудење да се фатите за глава, мора да најдете и време да ги читате“, заклучи Рама.
За потсетување, изјавата на министерката за државна администрација и локална самоуправа Снежана Пауновиќ дека, доколку била на власт кон крајот на деведесеттите, „етнички би го исчистила Косово“, предизвика остри осуди од опозицијата, граѓанскиот сектор и од Европската комисија.
Таа потоа се обиде да ја оправда изјавата, велејќи дека била извадена од контекст.


