Еден европски град ги засени сите — „Тајм аут“ ја објави листата на најсреќни градови во светот за 2026 година
Повеќе од 24.000 жители од различни градови низ светот учествувале во големото годишно истражување на списанието „Тајм аут“, во кое одговарале на прашањето колку нивниот град придонесува за нивната среќа и квалитетот на животот. Врз основа на нивните одговори е составена листата на најсреќните градови во светот за 2026 година.
Препорачано
Покрај богатата културна понуда, зелените површини, живописните населби и пријатната атмосфера, во истражувањето биле земени предвид и други фактори што влијаат врз секојдневниот живот. Испитаниците оценувале и колку нивниот град нуди можности за дружење, љубовен живот, чувство на припадност, добра храна, уметност и ноќен живот.
Како е направена листата на најсреќни градови?
За да се добијат резултатите, жителите оценувале неколку тврдења поврзани со животот во нивниот град:
– Мојот град ме прави среќен.
– Во мојот град се чувствувам посреќен отколку во другите места каде што сум живеел или што сум ги посетил.
– Луѓето во мојот град се позитивни.
– Секојдневниот живот во мојот град ми носи радост.
– Во последно време чувството на среќа во мојот град значително се зголемило.
По обработката на резултатите биле издвоени градовите со најголем процент позитивни одговори. За да се обезбеди поголема географска разновидност, во конечната листа од 20 градови бил вклучен само најдобро рангираниот град од секоја држава.
Британски град е прогласен за најсреќен во светот
Според резултатите од истражувањето, првото место му припаднало на британскиот град Бат (Самерсет).
Жителите на овој англиски град му дале исклучително високи оценки. Дури 93 проценти изјавиле дека нивниот град ги прави среќни, 92 проценти сметаат дека во Бат се чувствуваат посреќни отколку на кое било друго место каде што живееле или престојувале, 90 проценти веруваат дека нивните сограѓани се позитивни, а 91 процент рекле дека секојдневниот живот им носи радост. Воедно, 76 проценти од анкетираните сметаат дека чувството на среќа во градот значително пораснало во последните години.
Бат е препознатлив по своите римски бањи, впечатливата георгиевска архитектура и природата што го опкружува. Дополнително, 83 проценти од жителите изјавиле дека во градот лесно се создава чувство на припадност кон заедницата, а Бат се нашол на првото место и според квалитетот на зелените површини и природното опкружување.
Панама Сити и Гвадалахара веднаш зад лидерот
Второто место го зазел Панама Сити, каде што 93 проценти од испитаниците рекле дека нивниот град ги прави среќни, додека 86 проценти изјавиле дека секојдневниот живот таму им носи радост.
Главниот град на Панама бил најдобро оценет во категоријата чувство на заедништво, бидејќи 87 проценти од жителите сметаат дека таму лесно се создаваат нови пријателства и познанства.
Третата позиција ѝ припаднала на Гвадалахара во Мексико, со вкупен индекс на среќа од 83 проценти. Градот, кој е познат како родно место на маријачи музиката и текилата, добил високи оценки од своите жители. Културната понуда била оценета со 86 проценти позитивни одговори, гастрономската сцена со 85 проценти, додека чувството на заедништво високо го оцениле 80 проценти од анкетираните.
Дваесетте најсреќни градови во светот во 2026 година
1. Бат, Обединето Кралство
2. Панама Сити, Панама
3. Гвадалахара, Мексико
4. Меделин, Колумбија
5. Краков, Полска
6. Џајпур, Индија
7. Чикаго, Соединети Американски Држави
8. Кејптаун, Јужноафриканска Република
9. Шангај, Кина
10. Гетеборг, Шведска
11. Монтреал, Канада
12. Сао Паоло, Бразил
13. Валенсија, Шпанија
14. Прага, Чешка
15. Мелбурн, Австралија
16. Куала Лумпур, Малезија
17. Хамбург, Германија
18. Порто, Португалија
19. Амстердам, Холандија
20. Чијанг Мај, Тајланд
„Тајм аут“ го избра најдобриот град во светот за 2026 година


