Портрет на Франческо I де Медичи од Алесандро Алори / Фото: piemags / Alamy / Profimedia

ДНК-анализа ја реши мистеријата на италијанското семејство Медичи, стара 400 години

Со векови кружеле гласини за мистериозната смрт на големиот војвода Франческо Први Медичи и неговата сопруга Бјанка Капело, припадници на моќната италијанска династија.

Се претпоставувало дека двојката била отруена, но научниците сега сметаат дека ја откриле вистинската причина за нивната смрт, стара повеќе од 400 години – не станувало збор за убиство, туку за маларија, пишува Си-ен-ен.

Сомнежи што траат со векови

Големиот војвода Франческо Први и неговата сопруга Бјанка Капело починале во 1587 година, во временски распон од само неколку часа, по повеќедневна агонија.

Официјално, причината за смртта била маларија, што било логично со оглед на симптомите, како што била повремената висока температура. Сепак, веднаш почнале да се шират гласини дека станува збор за убиство, а сомнежите биле насочени кон помладиот брат на Франческо и негов ривал – Фердинандо.

Фердинандо бил следен во редот за наследување на престолот, но постоела опасност да биде прескокнат поради вонбрачниот син на Франческо, Антонио. Сомнежите дополнително ги поттикнал фактот што Фердинандо ги посетил сопружниците во нивната резиденција непосредно пред да се разболат, што довело до приказни дека ги отрул со арсен за да си го обезбеди патот до власта.

Иако двојката се разболела во вилата Медичи во Поџо а Кајано, област позната по мочуришта и комарци што ја пренесуваат маларијата, гласините за убиство опстанале со векови, веројатно и поради озлогласената историја на семејството Медичи, исполнета со убиства и обиди за атентат.

Одговорот се крие во ДНК

Од 2004 година, кога во рамките на проектот „Медичи“ биле ексхумирани посмртните останки на 49 членови на семејството, различни студии нуделе спротивставени заклучоци. Некои ја потврдувале маларијата како причина за смртта на Франческо, додека други, врз основа на токсиколошки анализи, тврделе дека сопружниците биле жртви на труење со арсен.

Во новата студија, што заеднички ја спровеле Универзитетот во Пиза и Универзитетот Јејл, научниците употребиле ДНК извлечена од коските на Франческо за конечно да ја разрешат оваа долгогодишна расправа.

– Во изминатите години се обидувавме да ја решиме оваа мистерија со специфични анализи, особено палеоимунолошки, кои го потврдија присуството на маларија. Но, гласините не престануваа, бидејќи палеоимунологијата не дава конечен одговор. Само анализата на ДНК можеше да понуди решение со висок степен на сигурност – изјавила Валентина Џуфра, професорка по историја на медицината на Универзитетот во Пиза и коавторка на студијата.

Додека палеоимунологијата се потпира на антигени и протеини за да открие траги од болести, анализата на ДНК, како понов пристап, бара директни генетски потписи на болеста и затоа се смета за посигурна.

Џуфра и нејзините колеги пронашле генетски траги од плазмодиумот – паразитот што ја предизвикува маларијата – во примероци од ребрата на Франческо.

– ДНК е сигурен доказ. Таа ги разрешува и проблемот и сомнежите. Мислам дека ова е конечниот одговор – заклучила таа.

Два вида маларија во телото на војводата

Маларијата е една од најсмртоносните болести во историјата на човештвото, а историските извори потврдуваат дека симптомите што ги имале Франческо и Бјанка целосно одговарале на оваа болест.

Дворските лекари на семејството Медичи ја опишале нивната состојба, како и третманите што ги применувале, меѓу кои и пуштање крв, во тоа време вообичаена практика, која всушност само ја влошувала состојбата на пациентите.

Новата генетска анализа, спроведена врз примероци од коски зачувани по отворањето на гробниците во 2004 година, открила не еден, туку два вида паразити на маларијата во посмртните останки на Франческо – „пласмодиум фалкипарум“ (plasmodium falciparum) и „пласмодиум малариа“ (plasmodium malariae). Ова укажува на можноста тој истовремено да бил заразен со два различни вида на паразитот.

Истражувачите ги анализирале и останките на кардиналот Џовани Медичи, помладиот брат на Франческо, кој починал 25 години претходно. И во неговите коски биле пронајдени траги од маларија, и тоа досега непознат вид на „пласмодиум фалкипарум“ (plasmodium falciparum).

– Франческо и Џовани, во период од 25 години, патувале во делови од Тоскана познати по маларијата. Дворските лекари се обидувале да ги одвратат некои членови на семејството Медичи од тие патувања, особено во есен, но тие сепак отишле. Неколку дена по враќањето ги развиле првите симптоми – објаснила Џуфра.

Откривањето на различни видови на маларија помага и во следењето на еволуцијата на болеста.

– Нашата студија помага да се пополни историската празнина за периодот на ренесансата и за централна Италија, за кои имаме многу ограничени информации за еволуцијата и ширењето на маларијата – изјавил Александар Очоа од Универзитетот Јејл, прв автор на студијата.

Дали причината сепак можела да биде труење?

Но, дали тоа значи дека Франческо сигурно не бил отруен?

– Не нужно, но генетските докази претставени во нашата студија значително го намалуваат просторот за шпекулации- рекол Очоа.

Неговата колешка Џизела Каконе се согласува.

– Можеме да кажеме дека имале маларија, но не можеме да тврдиме дека не биле отруени. Уште тогаш постоеле сомнежи за маларија поради симптомите и патувањата во заразени подрачја. Ако, покрај тоа, некој решил да им го забрза крајот со труење, тоа никогаш нема да го дознаеме. Но, колку е тоа веројатно? –  запрашала Каконе.

Сепак, Донатела Липи, професорка по историја на медицината на Универзитетот во Фиренца, која во 2006 година објави студија во прилог на тезата дека станувало збор за убиство, и натаму смета дека сопружниците биле отруени.

– Тоа што имал маларија не значи дека од неа и починал. Ова истражување само го потврдува она што отсекогаш сум го тврдела – изјавила Липи.

Таа додаде дека записите од Ватиканската библиотека споменуваат осип на кожата, висока температура и отоци – симптоми што, според неа, одговараат и на акутно труење со арсен.

– Верувам дека Франческо Први боледувал од маларија, но бил отруен и починал од отровот. Неговата гробница била отворена 300 години по смртта; рацете му биле стегнати во агонија, а телото добро зачувано – арсенот би можел да ги објасни и двете појави – тврдела Липи.

Џуфра возврати дека наодите на професорката Липи не се засноваат на коски од гробницата на Франческо, туку на ткиво пронајдено на друга локација. Таа исто така потсети дека Франческо бил познат како алхемичар кој експериментирал со различни хемикалии, што би можело да ги објасни промените на неговата кожа.

Важен чекор за науката и историјата

Независните експерти ја поздравуваат студијата, но со одредена доза претпазливост. Ен Стоун, професорка на Универзитетот во Аризона, смета дека браќата најверојатно починале од маларија, но нагласува дека за целосно да се исклучи можноста за труење би требало да се направат и токсиколошки анализи.

Дејвид Карамели, професор по антропологија на Универзитетот во Фиренца, исто така предупредува дека пронаоѓањето ДНК од патоген не претставува само по себе доказ за причината за смртта.

– Пронаоѓањето ДНК од патогени во човечки останки стари со векови е технички исклучително сложено. Иако студијата нуди докази што се во согласност со инфекција со маларија, не мислам дека конечно ја решава долгогодишната расправа. Генетските докази секогаш треба да се толкуваат заедно со историските, археолошките и патолошките податоци – изјавил Карамели.

И покрај тоа, заклучува тој, новото истражување претставува значаен исчекор и покажува како палеогеномиката може да придонесе за решавање на долгогодишни историски мистерии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот