Тетово / Фото: dandarmkd / Wikimedia Commons / CC BY-SA 4.0

Тетовскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го виде СДСМ во Сојузот на борците, организацијата ќе се жали кај Мицкоски

Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово преку соопштение остро го нападна Сојузот на борците од градот, кој деновиве реагира за предлозите за преименување на улиците во градот, кои доаѓаат од владејачкото мнозинство на Вреди и ВМРО-ДПМНЕ во општинскиот совет.

Локалниот огранок на владејачката партија ја обвини организацијата, која ги негува придобивките од народноослободителната војна, дека е под влијание и притисок на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ).

„Очигледно е дека раководството на Сојузот на борците од НОАВМ во Тетово е киднапирано или се наоѓа под силен притисок од поединци – поранешни високи функционери на СДСМ, кои заедно со ДУИ имаат цел да шират лаги и да создаваат раздор меѓу народот. Јавноста треба да знае дека станува збор за класична узурпација на организацијата на борците, која треба да биде претставувана од следбениците на борците од НОВ, а не од следбениците на СДСМ“, соопштија меѓу другото од ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово.

Без да го споменат по име, од партијата го обвинуваат поранешниот директор на Комисијата за односи со верските заедници, Даријан Сотировски, дека „се крие зад името на Сојузот на борците“. Сотировски и Сојузот беа подносители на иницијативата по која Уставниот суд неодамна го укина преименувањето на улиците спроведено од општината во далечната 2007 година, кога локалната власт ја имаше ДУИ. Партијата ги нарекува „портали блиски до СДСМ“ медиумите кои го пренесоа соопштението на Сојузот на борците.

„По којзнае кој пат, личноста која долго време вешто се криеше зад превезот на верските заедници, а според одредени информации и понатаму лобира за да добие функција во Ватикан, Рим или на друго место, само за да продолжи да живее на товар на државата, сега се крие зад името на Сојузот на борците од Тетово и го злоупотребува за пласирање невистини и шпекулации. Секој што знае да чита меѓу редови лесно ќе ја препознае поврзаноста меѓу овие соопштенија, написите на дел од порталите блиски до СДСМ и сè почестите протести на ДУИ токму околу имињата на улиците“, наведоа од ВМРО-ДПМНЕ.

Уставниот суд ја укина одлуката со која беа сменети имиња на улици во Тетово во 2007 година

На ова реагираше Сојузот на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи, кој соопшти дека одржал вонредна седница на која Претседателството едногласно го осудило „скандалозното соопштение на Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ“.

„Сојузот донесе заклучок со посебен допис да се обрати до Претседателот на Владата на Македонија и Претседател на политичката партија ВМРО ДПМНЕ проф. д-р Христијан Мицковски во кој ќе изрази незадоволство од ваквиот низок и срамен чин и ќе побара негов личен ангажман тетовскиот комитет на партијата со кој Сојузот на борци има долгогодишна успешна соработка и кој обединува храбри и достоинствени граѓани кои се вистински патриоти да се ослободи од поединец кој веќе подолго време не може да се носи со чувството на инфериорност, не ги простува туѓиот успех, принципиелност и интегритет и ги доживува како конкурентна повисока вредност“, велат од организацијата.

„Македонскиот национален интерес е повикан да го штити секој еден согласно своите сили и можности. Сојузот на борците како една од најстарите општествени организации е доследен во своите залагања за одбрана на македонскиот антифашистички темел на Тетово. Сојузот на борци се гордее што во своите редови има поединци кои се светла иднина на градот и татковината Македонија. Во сите јавни излагања и иницијативи пристапуваме со особено внимание за да не навредиме ничии чувства и да го зачуваме националното единство.
Ваквата срамна реакција е целосно непредизвикана и зачудувачка. Со кој наш збор или постапка ние станавме проблем за комитетот на политичката партија што се дрзна вака да навредува? Наместо очекуваната поддршка, се соочуваме со напади токму од оние од кои најмалку очекувавме ваков однос и кои, по својата улога и одговорност, се најповикани да го штитат националниот интерес. Нагласуваме дека членството на политичката партија ВМРО ДПМНЕ постојано ни изразува поддршка и тоа е многу поважно од гестот на оние кои пишуваат соопштенија.
Македонската јавност е созреана и доволно искусна, нека следи и сама нека носи суд“, велат од Сојузот на борците.

Улиците во Тетово нема да носат југословенски, туку имиња на луѓе од македонската историја, велат од општинската работна група

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот