Голема измама со брзи кредити, скоро 40 луѓе се дел од истрагата
Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека поднело обвиненија против шестмина осомничени за долготрајна измама со брзи кредити, како и предлог за казнен налог за уште 33-ца луѓе.
Препорачано
Тие се обвинети дека изнашле шема за продолжени измами преку компјутерска апликација, во што им помагал вработен во Фондот за здравство.
„Во информатичкиот систем на повеќе оштетени финансиски друштва внесувале невистинити податоци – за кои секој од нив знаеле дека не се вистинити и дека се постигнати со дејствија од други кривични делa, со што предизвикувале невистинити резултати при електронската обработка и преносот на податоците од Агенцијата за вработување на РСМ. Во ова им помагал еден од нив, кој бил службено лице вработено во Фондот за здравствено осигурување на РСМ и кој им ставил на располагање средства, односно ЕЗБО број кој претходно го обезбедил преку својот компјутер од електронскиот систем на Фондот. Користеле лажни исправи и ги злоупотребувале личните податоци на оштетени физички лица и притоа од финансиските друштва повлекувале брзи кредити на нивно име“, велат од Обвинителството.
Измамата траела од 2022 година, а осомничените, според ОЈО, успеале да извлечат околу 50.000 евра.
„За четири лица кои беа опфатени со истражната постапка јавниот обвинител донесе решение за запирање на истрагата, од кои за двајца не беа обезбедени докази дека учествувале во оваа измамничка шема, а двајца починаа во меѓувреме“, додаваат од Обвинителството.


