„Златка рипка“ за ВМРО-ДПМНЕ
На премиерот дури и му беше чудно што толку време веќе се на власт, а не можат да си го одмрзнат имотот. Една непријатна ситуација, да – за партијата што дојде на ред да управува, а да не располага со своето. И тоа поради една непослушна обвинителка „медиокритет со политичка матрица“, која не ѝ удоволи на големата ВМРО-ДПМНЕ дури и кога дојде на власт, односно не им го одмрзна имотот.
На власт сме година и половина, но имотот сè уште ни е замрзнат. Најверојатно судот чека предметот природно да застари, иако е целосно неправен. Вака зборувал на брифинг со новинарите премиерот Христијан Мицкоски.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Но, судот не чекал. Судот пресече – и тоа така што го ослободи Никола Груевски. Со тоа падна и идејата грандиозното седиште во центарот на Скопје да стане народна сопственост.
И таман кога довербата во правосудството едвај дишеше на 2 проценти, еве шанса да се крене – барем кај оние на кои пресудата им дојде како спасоносен кислород. Премиерот, сосема разбирливо, конечно има причина да биде задоволен.
Нему дури и му беше чудно што толку време веќе се на власт, а не можат да си го одмрзнат имотот. Една непријатна ситуација, да – за партијата што дојде на ред да управува, а да не располага со своето. И тоа поради една непослушна обвинителка „медиокритет со политичка матрица“, која не ѝ удоволи на големата ВМРО-ДПМНЕ дури и кога дојде на власт, односно не им го одмрзна имотот. Па мораше да ја навредува и да не ѝ дозволи да стигне до Стразбур, сè додека не ја реши обвинителот Савески.
Ѝ ги одзеде предметите од кои со години не се откажа, а потоа судот со ослободителна пресуда за неговиот претходник изигра „шах-мат“ и ја направи невозможна конфискацијата на партискиот имот. На Мицкоски не му е битна ослободителната пресуда за Груевски, за кого со месеци се собираат документите и упорно не се бара негова екстрадиција. Но, битен му е партискиот имот.
За него истата судијка што го осуди Груевски на шест години затвор, тврдеше дека партиското седиште што го изгради „Бетон“ било незаконски стекнато. Всушност, 70 проценти од приходите на градежната фирма биле од тендери од државни и локални претпријатија, па од тоа излегува дека всушност Белата палата е изградена со наши пари.
„Со самата судска разрешница на овој предмет, Судот испраќа порака до јавноста дека во оваа демократска држава, сите се еднакви пред законот, дека никој не е привилегиран и секој ќе одговара за последиците што ги предизвикал со прекршување на законот“, кажа судијката при објавување на пресудата, која беше донесена по четири години од почетокот на судскиот процес, во јуни 2022 година.
Но, тоа беше додека ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, а кога дојде на власт и кога Ленче Ристоска се повлече, судијката донесе спротивна пресуда, со исти докази. За својата одлука ги обвини срамните измени на Кривичниот законик од 2023 година, но и Јавното обвинителство, кое не успеало надвор од разумно сомневање да докаже дека Груевски е виновен.
Новиот обвинител Кристијан Смилевски остана нем на ослободителната пресуда, но затоа остро реагираше Ристоска. Како една иста вистина произведува две спротивни пресуди? Што точно се сменило, толкувањето на Законот или само времето во кое се суди?
„Од истиот тој доказен материјал, со иста оцена, судот еднаш изведе осудителна пресуда, а сега ослободителна. Ако ниту доказите, ниту нивната оцена не се променети, останува прашањето како истата доказна основа води до два спротивни исхода – објаснувањето дека сето тоа е последица само на измените на КЗ не ја отстранува оваа противречност, бидејќи измената на законскиот опис не менува што докажуваат доказите. Ова особено за делот од обвинението кој се однесува на законската обврска на Груевски по Законот за финансирање политички партии, кој во образложението што судот јавно го објави, воопшто не е споменат“, реагираше Ристоска.
Овие „случајни“ случајности, пресуда спротивна на првичната, дел од обвинението кој не е адресиран во јавното соопштение на судот, временскиот интервал во кој се носи одлуката и времето кога истекува рокот на застареност, ја наведуваат обвинителката дека единствена цел е да се отежни конфискацијата на имотот.
„Сите овие околности и ваквиот тек на работите, за мене како да го потврдуваат моето уверување дека овој предмет ми беше одземен за да можат заинтересираните страни да стасаат до посакуваниот исход, а тоа е избегнување на конфискацијата“, порача Ристоска, која не молчеше како обвинителот што последно го застапуваше обвинението пред судот.
Сега Мицкоски е веќе две години на власт, па како ќе расте бројката на власт, треба да расте и бројката на доверба во судството. Особено по условната казна за поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата Татјана Димитровска, но и од ослободителната пресуда за новинарот Драган Павловиќ – Латас за случајот „Тотал“. Всушност, овие пресуди докажаа дека законот не важи само за моќниците и за оние што ракоплескаат во Белата палата.


