ИНТЕРВЈУ | Димитар Андоновски: Болката по смртта на татко ми научив да ја претворам во сила и мотивација
Без оглед на многуте меѓународни награди за авторска музика на театарски фестивали и како автор на првото македонско кабаре, Димитар Андоновски важи за скромен човек. За своите успеси ретко зборува и живее мирен живот во Битола со сопругата Христина и синовите Гаврил и Михаил. Поп-пејачот и автор своите песни ги стави во втор план, давајќи им предност на песните што ги пишува за колегите и на театарската музика. Она што не престана да го боли, а го направи посилен, е загубата на татко му кога бил дете, а која вели дека е сè уште голема мистерија. Својата приватна и професионална приказна тој искрено ја споделува за „Слободен печат“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3

Скромен си, а имаш многу успеси и награди во филмската и театарската музика кај нас и во регионот. Што е најново во таа област и на кој успех си најгорд?
– Некако никогаш не сум бил човек што многу зборува за наградите. Секако дека значат, затоа што се потврда дека тоа што го работиш, некој го препознал, но мене најважно ми е музиката да остане и да допре до луѓето.
Горд сум што имам можност да компонирам музика за театар и што сум добитник на две меѓународни награди на големи театарски фестивали во Србија. Особено ми значи што веќе подолг период успешно соработувам со режисери од Македонија и од Србија. Во последниот период ми беше чест повторно да соработувам со режисерката Снежана Удички на претставата „Тако је морало бити“ во Крушевац, а зад мене се и неколку значајни проекти со мојот долгогодишен соработник, режисерот Андреј Цветановски – „Црно семе“ во Битолскиот народен театар, „Парите се отепувачка“ и „Оркестар Титаник“ во Охридскиот народен театар, како и „Човек перница“ во Кумановскиот народен театар.
Во моментов најголемиот дел од енергијата ја насочувам кон компонирање поп-музика и создавање нови песни за млади изведувачи што го започнуваат својот музички пат. Особено ме исполнува кога можам да бидам дел од нивните први чекори и заедно да создадеме песна со која ќе се претстават пред публиката.
Секако, продолжувам да соработувам и со веќе докажани изведувачи од Македонија и регионот, со кои во моментов работиме на повеќе нови авторски проекти. Чувствувам дека ова е период во кој можам најмногу да придонесам како автор и продуцент.
Одамна не си снимил твоја авторска песна, која е причината?
– Причината е многу едноставна – последните години свесно ги ставив моите песни во втор план. Имав желба да создадам нешто поголемо од една моја кариера, да им помогнам и на други млади луѓе да добијат добра песна, квалитетна продукција и шанса. Искрено, уживам кога ќе видам дека некој успеал со песна на која сум работел. Тоа не значи дека сум се откажал од мојата музика.
Напротив, во последно време сѐ почесто ми се случува сосема случајни луѓе да ми пријдат и да ми кажат дека им недостасуваат моите песни и дека би сакале повторно да ме слушаат како активен изведувач. Интересно е што ваквите коментари најчесто доаѓаат од луѓе што воопшто не ги познавам.
Верувам дека Бог понекогаш ни испраќа знаци преку луѓето околу нас и дека треба да знаеме да ги препознаеме. Токму затоа овие зборови ги доживувам како поттик дека е време повторно да се вратам на сцената со моја авторска музика.
Имам многу песни што со години ги чувам за себе и мислам дека конечно дојде нивното време. Се надевам дека многу брзо публиката ќе слушне нова музика од мене. Ветувам дека ќе биде искрена, создадена од срце и без компромис, без да бркам трендови или да правам музика само за да се вклопам во моментот. Сакам повторно да пеам песни зад кои ќе стојам со целото свое срце.

Автор си на првото македонско кабаре што беше изведено минатото лето во Битола. Кажи ми повеќе за овој уникатен формат, беше ли тешко да се создаде?
– Беше огромен предизвик, затоа што кај нас нема многу примери на ваков тип авторски кабаре-проект. Требаше да се спојат музика, театар, танц, сценографија, костими и целокупна драматургија во една приказна што ќе ја задржи публиката од почеток до крај. Работевме долго, со многу љубов и посветеност, но кога ќе ги видиш реакциите на луѓето, сфаќаш дека секој вложен час вредел. Мило ми е што покажавме дека и во Македонија може да се создаде продукција на високо ниво.
На крајот, сакам искрено да му се заблагодарам на целиот креативен тим, на ансамблот од кабарето на „Голд Фелиција“ и на сите луѓе што беа дел од овој проект. Секој од нив вложи огромна енергија, љубов и професионалност за заедно да создадеме едно уникатно музичко-сценско дело. Вакви проекти никогаш не се успех на еден човек, туку на тим што дише како едно.
Во еден период живееше и работеше во Скопје, зошто реши да се вратиш во родната Битола и зажали ли некогаш за оваа одлука?
– Никогаш не зажалив. Скопје ми даде многу искуство, контакти и можности, но почувствував дека во Битола можам да создадам нешто свое и трајно. Денес, кога технологијата овозможува да работиш со луѓе од целиот свет, местото каде што живееш не е пресудно. Верувам дека квалитетната музика нема адреса. Ако е добра, ќе стигне до публиката без разлика каде е создадена. Можеби единствениот недостаток е што не можам секогаш да бидам присутен на сите покани, јавни настани и случувања што се организираат во Скопје. Но, и тоа некако успевам добро да го организирам и секогаш се трудам да им укажам почит на луѓето што ме покануваат и да бидам присутен кога е навистина важно.
Има ли одлуки за кои се каеш или дали би сменил нешто во твојот личен и професионален пат ако би можел?
– Искрено, не. Секако дека имало грешки, но секоја од нив ме научила нешто. Денес не би бил истиот човек без тие искуства. Наместо да се навраќам на тоа што можело поинаку, повеќе сакам да размислувам што можам подобро да направам утре.
Тема за која не сакаш многу да зборуваш е загубата на татко ти за која неодамна рече дека останала мистерија. Што те научи ова искуство и како дете се справи со болката, тагата и промената?
– Тоа е тема што и денес боли. Некои прашања останаа без одговор и веројатно така ќе останат. Но, научив дека животот може многу брзо да се промени и дека човек треба да ги цени луѓето додека се покрај него. Како дете не знаев како да се справам со таа болка. Со текот на времето научив да ја претворам во сила, во мотивација да работам, да создавам и да се трудам да бидам човек на кој моето семејство ќе биде гордо.
Важиш за смирен човек, каков беше во детството и тинејџерските денови, чувствуваше ли бес и лутина кога се случи тоа?
– Секако дека имаше моменти кога чувствував неправда, лутина и многу прашања. Мислам дека тоа е нормално. Но, никогаш не дозволив тие чувства да ме одведат во погрешна насока. Музиката ми беше најголемиот издувен вентил и можеби токму затоа денес сум човек што повеќе сака да создава отколку да се расправа.
Израсна со мајка ти и со сестра ти, познатата актерка Маја Андоновска-Илијевски. Можеш ли да речеш дека како и другите деца што загубиле родител како мали порано пораснавте?
– Апсолутно. Таквите околности едноставно те принудуваат побрзо да созрееш. Мајка ми направи сѐ што можеше за да ни овозможи нормално детство и неизмерно сум ѝ благодарен за тоа. Искрено, таа е причината за сѐ што сум денес. Се чувствувам благословен што Бог ми дал мајка која во исто време беше и мајка и татко. Не беше лесно, но никогаш не ни дозволи да почувствуваме дека ни недостасува љубов, поддршка или сигурност.
Со сестра ми сме карактерно сосема различни – како небо и земја, но токму тоа нѐ направи уште поблиски. Мислам дека сите тие животни предизвици нѐ научија да се чуваме еден со друг и нѐ направија посилни како семејство.
Твојата сопруга ти е најголемата поддршка, во што сте најслични и најразлични, околу што најмногу, а околу што најмалку се поддржувате?
– Навистина ми е најголемата поддршка и мислам дека без неа многу работи немаше да бидат исти. Таа е по професија професор по историја и можеби токму затоа има многу трпение, организираност и смиреност. Најслични сме по тоа што и двајцата сме упорни и семејството секогаш ни е на прво место. Различни сме во тоа што јас често знам целосно да се внесам во работата и да заборавам на времето, а таа секогаш знае да ме врати во баланс. Се поддржуваме во сѐ, но најмногу околу семејството и децата. Благодат е што покрај себе ја имам Христина. Во денешно време не е лесно да се биде сопруга на човек што постојано е во студио, на снимања или на пат, но таа секогаш имала разбирање за мојата работа и ми била најголемиот ветар во грб. Верувам дека зад секој успешен човек стои семејство кое искрено верува во него, а јас сум благодарен што го имам токму тоа.

Препознаваш ли дел од твојот карактер и талент кај вашите синови?
– Михаил и Гаврил ми се најголемата животна радост. Секој од нив има свој карактер, свои интереси и свој поглед кон светот, но кај двајцата препознавам љубопитност, креативност и желба постојано да откриваат нешто ново. Засега повеќе ги привлекуваат спортот и фудбалот, и тоа искрено ме радува. Не сакам никогаш да им наметнувам со што треба да се занимаваат. Ако еден ден самите ја изберат музиката, ќе им помогнам со сѐ што знам и ќе бидам нивна најголема поддршка. Но, многу поважно од тоа ми е да пораснат во добри, чесни, воспитани и среќни луѓе. Верувам дека токму тоа е најголемиот успех на секој родител.
Како ти изгледа еден обичен ден во Битола, како оди работата во клубот и во кој период од денот си најкреативен?
– Речиси секој ден ми е исполнет со музика. Дел од времето сум во студио, дел го посветувам на организацијата на кабарето и на новите проекти што ги работиме. Најкреативен сум навечер. Тогаш имам најголем мир и најлесно ми доаѓаат идеи. Понекогаш една мелодија ќе се роди за десет минути, а понекогаш ја бараш со денови. Тоа е убавината на оваа професија.
Голема загуба доживеавме последниов период на естрадата, починаа речиси сите членови на ДНК, а неодамна и Владо Јаневски. По што ќе ги паметиш?
– Македонската музика изгуби луѓе што оставија силен белег. Со Андреј и Панчо не нѐ поврзуваше само музиката, туку и едно искрено пријателство што траеше со години. Во минатото соработувавме и во продукцијата „Република“, а тој колегијален однос прерасна во пријателство што го задржавме до последниот период. Особено ќе го паметам Андреј по неговата позитивна енергија, искреноста и љубовта што ја имаше кон музиката и луѓето околу себе. Жал ми е што веќе не се дел од нас, но верувам дека вистинските уметници никогаш не заминуваат целосно. Нивната музика продолжува да живее во секој од нас.
Со Владо Јаневски никогаш немавме блиско пријателство, туку коректен и колегијален однос. Не се дружевме приватно, но тоа воопшто не го менува моето огромно почитување кон сѐ што остави зад себе како автор и изведувач. Неговиот придонес за македонската музика е неспорен, а песните што ги создаде ќе останат траен дел од нашата музичка историја и ќе ги пеат уште многу генерации. Верувам дека најголемото наследство што еден музичар може да го остави е музиката, која продолжува да живее и тогаш кога него веќе го нема.


