Фото: Управа за извршување санкции / Фејсбук

ФОТО | Затвореници чистат покрај патишта низ Македонија — за државата евтин труд, за нив екскурзија

Од денес започна седумдневната, како што е наречена, „работна акција“ која е плод на соработка меѓу Управата на извршување на санкциите и ЈП „Македонијапат“, во чии рамки ќе бидат ангажирани затвореници за чистење на просторот покрај магистралните и регионалните патишта низ Македонија.

Фото: Управа за извршување санкции / Фејсбук

На десетина локации низ земјата, затвореници го чистеле ѓубрето насобрано од возачите кои фрлаат од возилата додека се движат по патиштата, а на дел од местата, според објавените фотографии, се зафатиле и со други работи кои се во надлежност на ЈП „Македонијапат“, како чистење плевел од рабниците и поткастрување вегетација.

Фото: Управа за извршување санкции / Фејсбук

Управата за извршување на санкции, во објава на „Фејсбук“ во која има исто толку фотографии од нејзините функционери кои дошле во посета, колку што има од затвореници кои чистат, соопшти дека на првиот ден биле вклучени повеќе казнено-поправни домови и казнено-поправни установи, од „Идризово“, како и од затворите во Штип, Прилеп, Куманово, Битола, Скопје („Шутка“), Гевгелија, Струмица и Струга.

„Осудените лица кои се работно ангажирани на магистралните и регионалните патишта се во непосредна близина на казнено-поправните установи каде што ја издржуваат својата казна и истите се под постојан надзор на припадниците на затворската полиција“, наведуваат од Управата, без да откријат под какви услови се ангажирани затворениците.

Не се наведува: колкумина затвореници учествуваат, колку часови дневно тие ќе работат, колку ќе бидат платени по час или по ден, како и кој ќе ги плати, „Македонијапат“ или Управата за извршување санкции.

Народниот правобранител влезе во „Шутка“, затвореници му се пожалија на полициско насилство

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот