ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Билјана Ивановска, поранешна претседателка на ДКСК: Партиите не сакаат да им се чепне во колачот за пари
Еден ден пред истекувањето на рокот за усвојување на измените на Изборниот законик, ниту партиите постигнаа консензус, ниту независните иницијативи добија одговор на нивните барања. Поранешната претседателка на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска, која на последните локални избори беше и кандидатка за градоначалник на Општина Центар, во интервју за „Слободен печат“ вели дека барањата на граѓанските здруженија во однос на измените на Изборниот законик доставени до Министерството за правда се барања не за привилегии, туку за фер играчи рамноправни со политичките партии.
Препорачано
– Вака како што е воспоставен системот, тој овозможува пристап само за политичките партии. А независните иницијативи се соочуваат со високи прагови за потписи, со сложен систем, со сложена процедура, со кратки рокови, со нееднаков пристап до медиумите, па со финансиски бариери и сето тоа води кон нефер натпревар – вели Ивановска.
На прашањето дали власта се плаши од независните, од граѓанските здруженија, или пак не сакаат да отстапат дел од колачот кога се зборува за финансирање на кампањата, таа кусо одговара „мислам и двете“.
– Не сакаат да отстапат дел од колачот кога се зборува за финансирањето, јас сум уверена 100 проценти, а дали се плашат, па кога не се плашат, нека нè повикаат рамноправно да учествуваме. Самиот однос ја открива нивната намера и нè доведува до таков логичен заклучок. Не знам што да кажам друго. Ако не е така, нека нè уверат дека не е така – вели Ивановска.
Таа, како што објаснува, во политиката, освен интерес за конкретна политичка партија, не гледа друго. Јавниот интерес е сосема тргнат настрана, а партиите секогаш се повикуваат на изборот на граѓаните.
– Затоа ние мораме, како независни кандидати, како независни иницијативи, да бидеме погласни и да им ги отвораме очите на граѓаните, затоа што знаете што се случува кај нас. Граѓаните четири години ќе „гунѓаат“ и ќе викаат „вака не иде, така не иде“. Секоја фамилијарна средба, за арно, за лошо, завршува со политика и со реченицата на крај „нас не нè бива. Меѓутоа, сите треба да си ја чукнеме главата и да си ставиме прст на чело и да сфатиме дека потенцијалот е во нас и дека нас нè бива. Само треба да направиме заложба за тоа и да си ја разбудиме свеста. Особено, граѓаните мора да ја менуваат свеста – додава Ивановска.
Таа порачува дека граѓаните треба да се освестат, да знаат да ја користат моќта. Затоа се тука независните да помогнат.
– Ние ниту имаме ресурси, ниту имаме „фазла“ време, ниту не знам што. Ние имаме само добра волја и желба нешто да се направи од нашата држава. Целиот наш ентузијазам го вложуваме тука. Кога одиме во странски држави, кога гледаме што има таму и како функционираат, си велиме ние не сме будали. Нас нè прават будали, ама доста е. Будали нè прават тие што по механизам се заокружуваат – вели Ивановска.
Во интервјуто, таа, меѓу другото, зборува и за актуелниот состав на Антикорупциската комисија и вели дека по потезите што ги направија, многу му наштетија на угледот на институцијата.
– Ако ние во изминатите години, од прва до последна година, ја подобрувавме оценката што ја добивавме во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава и претходните негативни оценки за таа институција преминаа во позитивни оценки, во следната година веќе извештајот беше негативен со забелешки од Европската комисија за работењето на комисијата, дека не се занимаваат со предмети од висока корупција, дека транспарентноста им е значително намалена, а токму за транспарентноста најмногу е одговорна претседателката или претседателот, кој и да е на таа функција – вели Ивановска.


