СДСМ: Судството под контрола на Мицкоски го спасува Груевски и го одмрзнува имотот на ВМРО-ДПМНЕ
Граѓаните гледааат како судството и обвинителството под контрола на Христијан Мицкоски го чистат Никола Груевски од одговорност за предметот „Талир 2“ и го одмрзнуваат криминалниот имот на ВМРО-ДПМНЕ, реагираат од СДСМ, откако Кривичниот суд денеска донесе ослободителна пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски во предметот „Талир 2“, кој се однесуваше на обвиненија за пречекорување на службените овластувања и противправно финансирање на изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Препорачано
„По 8 години „Белата палата“, вредна 14 милиони евра и останатиот партиски имот во вредност од 2 милиони евра се повторно во рацете на ВМРО. Така изгледа кога криминална организација е на власт, таа се грижи само за себе и да ги спаси своите од одговорност. Правда нема! Груевски е осуден криминалец кој не ја издржува казната во Идризово. А Мицкоски не бара негова екстрадиција, не ги испраќа документите кои со месеции патуваа од една до друга институциија и никогаш не беа испратени. Намерно. Мицкоски му овозможува на својот ментор Никола Груевски да ја избегне правдата за Талир 2. Ова е свесна заштита на Никола Груевски, најголемиот симбол на криминалот и корупцијата во Македонија“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Оттаму порачаа дека Фронтот за вистина и правда ќе се погрижи да одговара не само Груевски, туку и сите негови ученици и продолжувачи на неговото дело.
При образложението на денешната пресуда, судијката Даниела Алексовска истакна дека при одлучувањето биле земени предвид измените на Кривичниот законик од 2023 година, поради кои било изменето и обвинението.
Според Судот, и покрај измените на обвинението, доказите и утврдените факти останале непроменети, но обвинителството не успеало надвор од разумно сомневање да докаже дека Груевски го сторил делото пречекорување на службените овластувања.


