Др. Иван Трајков - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Др. Иван Трајков - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Трајков: Со вграден пејсмејкер можете да пливате, да спортувате и да патувате

Во новото издание на емисијата „Медицинско катче“ разговараме за една од најважните теми во современата кардиологија, пејсмејкерот. Што претставува овој уред, кај кои пациенти се вградува, кои симптоми се аларм за посета на кардиолог и како изгледа животот по интервенцијата, објаснува д-р Иван Трајков, кардиолог од приватната болница „Аџибадем Систина“.

Докторот вели дека пејсмејкерот е современ срцев електростимулатор, односно мал компјутерски уред кој му помага на срцето да одржува правилен ритам. Најчесто се користи кај пациенти кај кои срцевиот ритам е премногу бавен и срцето не може да обезбеди доволен број отчукувања во минута.

-Нормално е пулсот во мирување да не паѓа значително под 50 отчукувања во минута. Кога срцевиот ритам е многу низок, пациентите може да имаат слабост, замор, вртоглавица, затемнување пред очи, па дури и губење на свеста. Токму тука пејсмејкерот има огромна улога – објаснува д-р Трајков.

Современите пејсмејкери не се користат само за бавен ритам. Постојат и уреди кои помагаат кај одредени форми на срцева слабост, како и дефибрилатори кои можат да реагираат кај опасни, животозагрозувачки брзи аритмии. Причините за вградување пејсмејкер се различни. Најчесто станува збор за нарушувања во спроводниот систем на срцето – таканаречени срцеви блокови, кога електричниот импулс не може правилно да стигне до срцевиот мускул.

Меѓу најчестите причини се последици од инфаркт на миокардот, оштетувања на срцевиот мускул, воспаленија на срцето, долготрајно неконтролиран висок крвен притисок, шеќерна болест, но и вродени нарушувања на срцевиот ритам.

-Не постои една единствена причина. Многу фактори можат да доведат до успорување на срцевата работа – вели кардиологот.

Д-р Трајков нагласува дека возраста сама по себе не е критериум.

-Индикацијата е најважна. Ако пациентот има потреба од пејсмејкер, треба да го добие без разлика дали има 20, 50 или 90 години – вели докторот.

Во пракса се вградуваат пејсмејкери и кај најмали пациенти, но и кај лица во длабока старост.

-Имаме пациенти од 90 и повеќе години кај кои пејсмејкерот значително го подобрува квалитетот на живот – додава тој.

Др. Иван Трајков - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Д-р Иван Трајков – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Вградувањето пејсмејкер е минимално инвазивна процедура која најчесто се изведува во локална анестезија. Преку вена се поставуваат електроди до срцето, а самиот уред се поставува под кожата, најчесто во пределот под клучната коска.

-Процедурата трае околу 30 до 45 минути. Пациентот станува веднаш по интервенцијата, а најчесто престојот во болница е околу еден ден – објаснува д-р Трајков.

Една од најчестите грижи кај пациентите е дали по вградувањето ќе имаат ограничувања. Според д-р Трајков, современите пејсмејкери овозможуваат нормален и активен живот.

-Новите системи се отпорни на магнетна резонанца и немаат проблем со секојдневни уреди како телевизори, мобилни телефони или апарати во домаќинството – вели Трајков.

Пациентите можат да патуваат, да возат автомобил, да пливаат и да се занимаваат со физичка активност. Како пример го посочува фудбалерот Кристијан Ериксен, кој продолжи професионално да игра фудбал по поставување срцев уред. Животниот век на батеријата најчесто е околу 8 до 10 години. При замената не се менуваат електродите во најголем број случаи, туку само самиот генератор на уредот.

-Со редовни контроли можеме навреме да видиме како се троши батеријата и кога е потребна замена – вели д-р Трајков.

Во првата година контролите се почести, најчесто два до три пати, а потоа обично еднаш годишно. Современите системи имаат можност да испраќаат предупредувања доколку се појави проблем.

Многу пациенти имаат страв од самиот уред, но најчесто по интервенцијата сфаќаат дека животот продолжува нормално.

-Најубавиот момент е кога пациент ќе се врати и ќе каже: докторе, првпат спијам добро, првпат одам без страв, првпат повторно правам активности што претходно не можев – раскажува д-р Трајков.

Др. Иван Трајков - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Д-р Иван Трајков – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Кардиологот потенцира дека превенцијата останува најважна. Контрола на крвниот притисок, шеќерот, телесната тежина, прекин на пушењето и редовната физичка активност се клучни за намалување на ризикот од кардиоваскуларни заболувања.

-Живееме во време кога медицината многу напредува. Денес имаме пациенти во осмата деценија од животот кои активно се движат, спортуваат и имаат квалитетен живот – заклучува Трајков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот