Државата удри по работата на црно, инспектори ќе можат веднаш да затворат објекти

Измени на Законот за нерегистрирана дејност носат жесток пресврт во борбата против сивата економија. Инспекторите добиваат поголеми овластувања, објектите ќе може побрзо да бидат запечатени, а секој откриен случај ќе оди и кон даночна проверка.

Слушај ја веста

Крај за сите фирми и поединци што работат без регистрација. Со новите измени на Законот за нерегистрирана дејност, оние што вршат дејност без регистрација ќе имаат сè помал простор за избегнување на контролите. Со новите правила се воведува построг систем на инспекциски надзор, со пократки рокови, електронско следење на прекршоците и поефикасна координација меѓу институциите. Најголемата промена е таа што инспекторите добиваат брзо „копче за стоп“

Досега, постапките против нерегистрирани субјекти често се одвиваа низ повеќе чекори, со можности за одложување и продолжување на работењето додека трае административната процедура. Со новите измени, кога ќе биде утврдено дека некој работи без регистрација, инспекторите ќе можат побрзо да преземат мерки. Со законот е предвидено запечатување на деловните простории, на опремата и на инсталациите и привремено одземање на средствата со кои е направен прекршокот. Во одредени случаи, мерката запечатување ќе може да се спроведе и во рок од три дена.

Инспекцискиот орган презема мерки за спречување на понатамошно вршење нерегистрирана дејност, вклучително и запечатување простории, опрема и инсталации – стои во законот.

Новиот модел предвидува јасен редослед на постапување. Прво, инспекторот изрекува опомена и остава рок од осум дена за отстранување на неправилностите. Но, ако субјектот не постапи по решението, следуваат построги мерки, наредба, прекршочна постапка и дополнителни санкции.

Ако истиот прекршок се повтори во рок од една година, инспекторот ќе може да изрече забрана за работа. Тоа значи дека повторните прекршители нема да добиваат бесконечни шанси за исправка.

УЈП ќе знае кој работи „на црно“

Една од клучните новини е задолжителната размена на податоци меѓу инспекциските служби и Управата за јавни приходи. Досега, откривањето нерегистрирана дејност не значеше секогаш автоматска даночна контрола. Со новиот систем, секој утврден случај ќе може да биде проследен до УЈП за понатамошни проверки. Целта е да се спречат ситуации во кои некој заработува приходи, а не ги пријавува и не ги исполнува даночните обврски. Измените воведуваат задолжителна постапка за порамнување пред започнување прекршочна постапка.

Ова треба да им овозможи на сторителите побрзо да го затворат предметот. Ако глобата биде платена во рок од осум дена, ќе се плаќа половина од износот.

Обид за кршење пломба може да стане кривично дело. Новите правила предвидуваат построги последици за оние што ќе се обидат да ги отстранат службените пломби. Наместо само прекршочна одговорност, во одредени ситуации може да се примени и Кривичниот законик. Тоа значи дека продолжување со работа по затворање од инспекција, може да донесе многу посериозни последици. Сите изречени мерки ќе се внесуваат во електронска евиденција. Ќе се следат опомени, забрани за работа, привремено одземени предмети и прекршочни пријави. Со тоа институциите ќе имаат целосна слика дали одреден субјект претходно бил санкциониран.

Со новите правила властите сакаат да создадат систем во кој нерегистрираната дејност ќе биде потешко одржлива. Од една страна, инспекторите добиваат побрзи механизми за реакција, а од друга страна, регистрираните компании треба да добијат поправедни услови на пазарот. Главната промена е јасна: наместо долги постапки и ограничени реакции, државата воведува систем со побрзи мерки, подобра контрола и построги последици за оние што работат надвор од законските рамки.

Две недели никој не ги чепка дивите куќарки во Чаршија

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот