УЈП - Фото - Слободен печат - Методи Здравев

Граѓаните пријавиле рекордни 612 милијарди денари, милиони се во игра за доплата или поврат на данок

Граѓаните во 2025 година пријавиле значително поголеми приходи во однос на претходната година. Според податоците на Управата за јавни приходи (УЈП), вкупниот пријавен доход во годишните даночни пријави изнесува 612,1 милијарда денари, што е зголемување за 74,1 милијарда денари во споредба со 2024 година. Вкупно пресметаниот данок на личен доход достигнува 39,8 милијарди денари, односно за 4,86 милијарди денари повеќе отколку една година претходно.

УЈП генерирала 863.100 годишни даночни пријави. Од нив, 704.443 пријави се достапни преку системот е-Даночни услуги, каде граѓаните можат да извршат увид, да ги проверат податоците и да видат дали имаат обврска за доплата или право на поврат. Од УЈП предупредуваат дека проверката на пријавата е важна бидејќи податоците се преземаат од исплатувачите.

-Увидот во вашата пријава е ваше право и ваша одговорност, само преку системот можете да проверите дали имате обврска за доплата или побарување за поврат на данок- велат од институцијата.

Повеќето граѓани не направиле лична проверка. Од достапните 704.443 пријави 26.653 биле лично потврдени од даночните обврзници,1.145 биле коригирани од граѓаните, а 676.645 биле службено потврдени од УЈП. Од Управата посочуваат дека голем број граѓани не направиле увид во своите пријави, што може да доведе до тоа евентуални грешки во податоците да не бидат навреме забележани. Доколку приходите се погрешно внесени или недостигаат одредени податоци, граѓаните можат да реагираат само ако ја прегледаат пријавата преку системот.

Податоците покажуваат дека кај 208.857 граѓани постои обврска за доплата на данок. Од друга страна, 313.519 пријави покажуваат дека граѓаните во текот на годината платиле повеќе данок од пресметаниот.

Кај речиси 182 илјади пријави, данокот бил правилно пресметан и наплатен во текот на годината, па нема ниту доплата ниту поврат. За враќање на повеќе платен данок побарале 617 граѓани, во вкупен износ од 32,4 милиони денари. Оние кои сè уште немаат кориснички профил на е-Даночни услуги треба да се регистрираат за да можат да ги проверат своите годишни даночни пријави и евентуалните обврски.

Од УЈП нагласуваат дека личниот увид е најдобар начин граѓаните навреме да откријат неточности и да избегнат дополнителни проблеми со даночните обврски.

УЈП: Стабилност на приходите од наплатата на данокот на добивка

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот