Изгорената дискотека „Пулс“ во Кочани / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

„Побрзи процедури не значат побезбедни објекти“: Институтот за демократија бара итни промени по трагедијата во Кочани

Дигитализацијата не е доволна за да се спречат нови трагедии, а системот за контрола на угостителските објекти сè уште има сериозни слабости, предупредува Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје. Во нова анализа се бараат посуштински реформи, построг надзор и поголема одговорност на институциите.

Петнаесет месеци по трагедијата во Кочани, измените на Законот за угостителска дејност не донесоа целосна реформа на системот за безбедност, туку главно се фокусираа на поедноставување и дигитализација на административните процедури, оценува Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје.

Во анализата „Побрзи постапки не значат и побезбедни угостителски објекти: Измените на Законот за угостителство воведуваат дигитализација, но не и суштинска реформа“, Институтот предупредува дека побрзите постапки сами по себе не гарантираат поголема безбедност доколку останат нерешени слабостите во контролата и надзорот.

Според Институтот, новите законски решенија носат одредени подобрувања во административниот дел, но не одговараат на клучното прашање – како да се обезбеди дека угостителските објекти реално ги исполнуваат условите за безбедно работење.

-Дигиталните алатки можат да помогнат во управувањето со процесите, но не можат да го заменат ефективниот инспекциски надзор- е суштината на предупредувањето во анализата.

Еден од главните ризици што ги посочува Институтот е системот на самоевалуација на исполнетоста на техничките услови. Иако процесот ќе биде дигитализиран, според анализата останува прашањето кој и како ќе ја проверува точноста на податоците што ги доставуваат самите угостители. Без дополнителни механизми за проверка, постои опасност формалното исполнување на условите да не значи и вистинска безбедност на објектите. Институтот предупредува и на таканаречениот „надзорен јаз“ – разликата меѓу тоа што е заведено во документацијата и начинот на кој објектите навистина се користат.

Според анализата, потребни се механизми со кои институциите ќе можат да утврдат дали капацитетот, намената и условите во објектите одговараат на реалната состојба на терен.

Како проблем се наведува и системот на санкции. Од Институтот сметаат дека казните треба да бидат поставени така што ќе имаат превентивен ефект и ќе спречат прекршувања, а не само да бидат последица откако ќе биде утврден проблем. Потребна е поголема одговорност кај сите чинители – од сопствениците на објекти до институциите задолжени за контрола.

Измените предвидуваат и нов регистар на лиценци, што според Институтот може да придонесе за поголема транспарентност. Сепак, во анализата се посочува дека само постоењето на регистар не е доволно ако јавноста нема пристап до информации што овозможуваат вистинска отчетност – дали објектите се контролирани, дали имале прекршувања и дали се преземени мерки.

Во документот се предлагаат низа мерки за подобрување на системот како посилен и редовен инспекциски надзор, независна проверка на исполнувањето на техничките услови, јасно утврдена одговорност на институциите и операторите, поефикасен систем на санкции, поголема јавност на податоците за лиценци и контроли и подобра координација меѓу надлежните органи.

Според Институтот за демократија, по трагедијата во Кочани главното прашање не треба да биде само колку брзо се издаваат дозволи и се завршуваат процедури, туку дали системот навистина гарантира безбедност.

Нови правила за дискотеки, кабареа и апартмани за издавање, се удвојуваат давачките и казните

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот