Колку е Каја Калас претставник на надворешната политика на ЕУ?
Премногу недипломатска, премногу амбициозна – шефицата за надворешна политика на ЕУ, Калас, се соочува со критики. Зад тоа се крие и прашањето кој е всушност одговорен за надворешната политика на ЕУ.
На денешниот состанок на европските министри за надворешни работи (13.07.2026), повторно ќе ѝ биде одмеруван секој еден збор, особено затоа што на дневен ред е темата за односот спрема Израел. Откако шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас наводно ја споредила израелската влада со „системот на апартхејд во Јужна Африка“, ескалираше критиката на нејзина сметка. Канцеларот дури и јавно ја прекори на последниот самит на ЕУ.
Препорачано
„Јас експлицитно не го делам овој избор на зборови, за ова треба детално да се дискутира“, рече Фридрих Мерц.
Армин Лашет, претседател на Комисијата за надворешни работи на Бундестагот, јавно побара оставка од Калас. Таа пак изјави: „Не можам постојано да се борам со овие сенки, за тоа што наводно сум рекла или не зад затворени врати. Да се држиме до она што официјално го имам кажано, тоа е европската позиција што ја претставувам.“
Се зборува за „меѓусебни подметнувања“
Премногу недипломатска, премногу критична спрема Израел, премногу амбициозна. Шефицата за надворешна политика на ЕУ со месеци е предмет на критики. Тоа од една страна се должи на сложената надворешна политика на ЕУ, а од друга страна и на компликуваниот однос со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
За конфликтот меѓу претседателката на ЕК и шефицата за надворешна политика во меѓувреме и отворено се зборува во Брисел. На настан организиран од претставништвото на покраината Баварија, поранешниот комесар на ЕУ, Гинтер Отингер, спомена „меѓусебни подметнувања кои трошат многу сила“ и дека под водство на Урсула фон дер Лајен, Комисијата повеќе функционира „претседателски, отколку колегијално“. Самата Калас наводно еднаш го употребила зборот „диктаторка“.
Притоа, двете жени имаат доста заедничко – обете потекнуваат од политички семејства и балансираат големи семејства со своите кариери, обете важат за амбициозни и дисциплинирани. Сепак, Калас претходно беше и премиерка на Естонија, додека Фон дер Лајен „само“ министерка во Германија.
Улогата на евродипломат воведена дури во 2011 година
Во Брисел пак се зборува по кулоарите дека помалку се работи за „кавга на шмизли“, отколку за фундаменталното прашање кој е надлежен за европската надворешна политика? Еврокомесар за надворешни работи има дури од 2011 година. Кога Калас ја презеде функцијата, сите си посакуваа силен глас и јасно позиционирање, а сега токму за тоа Калас е мета на критики.
Нејзиниот простор за маневар е ограничен, бидејќи одлуки во врска со надворешната политика бараат едногласност која во Европа често е можна само на најмалиот заеднички именител, ако воопшто дојде и до тоа. Фактот дека американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да ја подели ЕУ не ја олеснува работата на Унијата.
Многумина во Брисел разбираат зошто Калас, како Естонка, предупредува на Русија, но тоа ја заслабнува нејзината позиција како дипломат или посредник во војната во Украина.
Војната против Украина го помести балансот на моќ во рамки на ЕУ. Претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, како лавица се ангажира за поддршка за Украина „колку што ќе биде потребно“. Во новиот буџет на ЕУ, таа бара милијарди за зајакнување на воените капацитети на ЕУ.
Сега и Кошта ги меша картите
Значи, кој е претставник на надворешната политика на ЕУ, гласи вистинското прашање, кое е многу подлабоко отколку што отсликува конкретната контроверзија. Фон дер Лајен сака да предводи „геополитичка Комисија“, амбиција што често се судира со интересите на еврокомесарката Калас. А не треба да се заборават ниту шефовите на држави и влади свесни за својата моќ. На крајот на краиштата, надворешната и безбедносната политика и натаму се прашања во ингеренции на конкретните држави, а постои и НАТО.
Во формати Е3 или Е5, Германија, Франција, Велика Британија, Полска и Италија се обидуваат да изгаснат разни геополитички пожари. За да бидат нештата уште полоши, сега и претседателот на Советот на државите од ЕУ, Антонио Кошта воспоставил тајни канали до Москва без претходни консултации.
И не е ли де факто министер за надворешни работи на ЕУ всушност еврокомесарот за трговија, Марош Шефковиќ, со врските во Вашингтон и Пекинг? Европската надворешна политика е расчеречена од ЕК, премиерите и претседателите на државите членки и еврокомесарката Калас.
Интерен документ предлага три опции
За да се решат институционалните блокади, интерен француски документ предлага три опции.
Надворешната политика би можела да ѝ биде доделена на Комисијата, или на Советот – во тој случај на Кошта и со тоа на претставниците на 27-те шефови на влади. Алтернативно, позициите на Калас и на дипломатската служба би можеле значително да се надградат и зајакнат во рамки на структурата на моќ на ЕУ.
Сите три сценарија во моментов важат за малку веројатни. Калас веројатно ќе мора да се помири со тоа дека како поранешна премиерка сега со министрите за надворешни работи само подготвува одлуки кои на крајот ги носат нејзините поранешни колеги. Се разбира дека тоа не е лесно, велат поддржувачите на Калас. За неа тоа и онака е втората опција, бидејќи всушност сакаше да стане генерален секретар на НАТО. Но, и за таа улога таа се сметаше за недоволно дипломатски настроена.
Извор: DW/ Автори: Сабрина Фриц и Тина Хасел, АРД


