Шведска европратеничка поднесе пријава против дански колега за „расизам“
Шведска европратеничка поднела полициска пријава против колега европратеник, обвинувајќи го за расистички говор на омраза, откако била нападната на социјалните мрежи поради осудата на антимигрантските извици во Европскиот парламент, објави „Гардијан“.
Препорачано
Пријавата, која минатата недела била поднесена во полиција во Шведска, се однесува на последиците од минатомесечната одлука на некои десничарски европратеници да извикуваат „вратете ги назад“ по гласањето со кое се поддржа зголемување на депортациите низ Европската Унија.
Набргу потоа, Абир Ал-Сахлани, шведска европратеничка со ирачко потекло од Централната партија, се обратила во салата на Европскиот парламент, обвинувајќи ги „фашистите од крајната десница“ дека со нивните извици паднале на „ново дно“.
„Никогаш не сум се чувствувала толку небезбедно во овој парламент. Викањето на крајната десница не беше насочено кон политички противник, туку беше ‘вратете ги назад’. Се однесуваше на обични луѓе кои не направиле никаков друг ‘злочин’ освен што барале подобар живот во Европа“, им рекла таа на пратениците.
Откако нејзините коментари се прошириле на социјалните мрежи, двајца европратеници од десничарски популистички партии возвратиле со напади преку интернет.
„Плачи уште“, напишал финскиот европратеник Себастијан Тинкинен од Партијата на Финците, како одговор на снимка од обраќањето на Ал-Сахлани во парламентот, додека данскиот европратеник Кристофер Сторм од партијата Дански демократи рекол дека таа „треба да си оди дома“.
Шведска усвои закон за мигранти — кој не се однесува „правилно“, ќе биде протеран
Во средата, Ал-Сахлани изјавила дека поднела полициска пријава против Сторм, обвинувајќи го за употреба на расистички и говор на омраза кон неа.
Таа додала дека нејзината пријава се однесувала само на данскиот европратеник, бидејќи шведската полиција не била сигурна како да постапи со објавата на Тинкинен на социјалните мрежи.
Двајцата мажи ги отфрлиле обвинувањата против нив.
Поделби во Европскиот парламент
Конфликтот ги открива длабоките поделби во Европскиот парламент, каде што европратениците од крајната десница и од десничарските партии сега сочинуваат околу една четвртина од составот – рекорд за оваа институција – додека малцинските етнички заедници и понатаму се значително недоволно застапени.
Во разговор за „Гардијан“ неколку дена откако била мета на напади на интернет, Ал-Сахлани изјавила дека сè уште не е сигурна како да го разбере целиот настан.
„Чувствувам тага за европската демократија. Навистина, ова ли е нивото на нашите политичари? Но исто така сум разочарана бидејќи, навистина, ајде луѓе. Јас сум ваша колешка,“ рекла таа.
Коментарите на десничарските политичари предизвикале голема поддршка за Ал-Сахлани на интернет, но биле проследени и со неколку закани за силување и за смрт. Нејзината парламентарна група „Обнова на Европа“ застанала зад неа.
„Расизмот нема место во нашите институции, а оние што го шират мора да се соочат со последиците од своите постапки“, изјавила Валери Хаер, претседателка на групата.
Во писмо испратено набргу потоа, Хаер ја повикала претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, да преземе дисциплински мерки против Сторм и против Тинкинен.
Кабинетот на Мецола подоцна соопштил дека службите на парламентот го разгледуваат случајот.


