Разговор со Ристо Василевски: Поезијата ќе биде свето писмо за оние што ќе дојдат по нас
Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), на јубилејното 30-то издание на манифестацијата „Празник на липите“, на македонскиот поет Ристо Василевски му ја врачи наградата „Книжевен жезол“ за неговиот повеќедецениски книжевен опус со високи естетски вредности.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Македонскиот поет, есеист, писател за деца, антологичар, книжевен критичар, преведувач, издавач и академик Ристо Василевски (1943, с. Наколец, Преспа) се школувал во родното место, во Љубојно и во Скопје. Студирал архитектура. Живее и работи во Смедерево, Србија. Пишува и објавува на македонски и на српски јазик.
Василевски е составувач на над дваесет значајни антологии на поезија на македонски и српски јазик; неговите поетски книги и избори од неговата поезија се објавени на повеќе од 30 светски јазици, а самиот тој од македонски на српски јазик и обратно, како и од некои други јазици на српски и македонски јазик превел над 220 поетски, прозни, драмски и есеистички дела. За своите постигнувања добил голем број награди и признанија, бил номиниран за Нобеловата награда за литература, а годинава ја доби и наградата „Книжевен жезол“ на ДПМ.
Какви чувства ви создаде добивањето на наградата „Книжевен жезол“ на ДПМ?
– Во отсуство на сериозна книжевна критика, денес наградите се нешто што го свртуваат вниманието барем на делата на наградените автори. Овие награди – поради нивната многубројност – го немаат некогашниот сјај, но сепак се поттикнувачки за многу поети и писатели. Нивното значење се зголемува ако ги доделува некоја асоцијација, како што е ДПМ, и ако се доделуваат во вистинско време.
Затоа за наградата „Книжевен жезол“ размислував подолго време, затоа што мислев дека ми доаѓа со извесно задоцнување. Сепак ја примив со голема благодарност, бидејќи секое признание што ми доаѓа од мојата матична книжевна средина за мене има двојно поголема вредност.

Што значи да се биде дводомен писател, односно да се потекнува од една, а да се живее и работи во друга културна средина?
– Одговорот на ова прашање е многу сложен. Јас во друга културна средина се најдов присилно, по растурањето на нашата некогашна заедничка држава – Југославија. Јас во таа друга културна средина веќе имав формирано семејство, се обидував да најдам решение, сакав да се вратам во Македонија, но никој не покажа никакво интересирање за тоа. Тој однос кон мене трае до сега! За пример ќе го наведам само ова: јас сум ја претставувал македонската поезија низ цел свет, а во мојата родна Преспа досега никој не се сетил дека постојам ниту да ми организира барем една книжевна средба!
Потекнувајќи од една средина и од еден јазик и живеејќи во друга средина со друг јазик, нужно ми се наметна потребата да пишувам и на јазикот на новата средина. И тоа се покажа како мошне благородно – ми отвори многу можности и простори, за преку едниот и другиот јазик да допрам до многу светски јазици и до многу значајни светски награди и признанија!
Но, ако би го изделил можеби она најзначајното, е тоа што таа моја положба на дводомен писател се пренесе и на мојата положба на дводомен преведувач, зад кој стојат над 220 преводи на дела од македонски на српски јазик и обратно, како и од други странски јазици на македонски и српски јазик.
За сите тие мои заложби Владата на Република Србија ми го додели своето највисоко признание за врвен придонес во културата на Република Србија, на што сум ѝ мошне благодарен. За Република Македонија не сакам да зборувам, освен за неа да се цитирам себеси: „Јас сум човек на светот, но пред сѐ сум Македонец и знам што значи тоа!“
Како таа положба влијае врз сопственото поетско и книжевно творештво?
– Одговорот на ова прашање делумно е даден во претходното. А кога се работи за положбата, таа едноставно може да се објасни со синтагмата: во Србија не е наш, во Македонија не е тука! Затоа во Македонија ретко кој ме застапува во антологии и избори, ме нема во лектирите, за избрани дела да не зборувам, за национални признанија ниту да помислам!
Надвор од тоа, моето творештво ги надмина сите ограничувања, затоа што зависеше само од моите творечки можности. А тие мои творечки можности допреа до речиси сите важни јазици на светот и во светот ги добија највисоките награди и признанија, заклучно со номинацијата за Нобелова награда за книжевност!

Со каква мисла Вие приредивте повеќе од дваесет антологии на поезија на македонски и на српски јазик?
– Во моето рано детство поетите за мене претставуваа свети луѓе. И тоа мое чувство ме држеше дури и кога можев со нив да контактирам, да им станам пријател и рамноправен соговорник. Таа моја стеснетост и таа моја мала „нелагода“ ја забележаа и некои од нив и за тоа ме почитуваа. И тој однос кон нив и кон нивната поезија резултираше со бројот на антологиите кој го спомнавте.
Инаку, сметам дека поезијата ќе биде свето писмо за оние што ќе дојдат по нас, зашто преку неа тие ќе научат како да мислат и да го толкуваат светот во кој ќе живеат.
На кој начин комуницирате со македонската книжевна заедница?
– Со постојано следење на книжевната продукција и на книжевните настани; со блиски контакти и средби со повеќе македонски истакнати поети и писатели, особено со многуте преводи на нивните дела од македонски на српски јазик. Горд сум што работејќи врз тритомната антологија на поезија на поетите на 18 национални малцинства и етнички заедници во Србија со наслов „Трајник“ во неа приопштив поезија и на 33 македонски поети што живеат во Србија, без што нив бездруго ќе ги одвееше ветерот на заборавот.
Во каков творечки амбиент работите и живеете во Србија?
– Ако би одговорил искрено, одговорот на ова прашање на многумина во Србија не би им се допаднал. Живеам повлечено и активно творам, често одам на разни меѓународни средби и фестивали во странство, почестен сум со над 70 големи и значајни награди и признанија. Бројот на моите поетски книги, книгите философеми и оние за деца е навистина голем, нивната рецепција во светот е уште поголема… Зарем тоа не е доволно за еден исполнет творечки живот?!
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 339, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12.7.2026)


