„Пауер Чајна“ за „Слободен печат“: Заинтересирани сме за нови проекти во Македонија, Кичево – Охрид до мај 2027 година
Од компанијата „Пауер Чајна“ нагласуваат дека нивниот тим со години работел во Македонија и дека преку проектите се запознал со македонската култура, историја и со локалното население.
Кинеската инженерска групација „Пауер Чајна“ е заинтересирана да продолжи да работи во Македонија и да развива нови проекти во земјава.
Препорачано
Македонски новинари ја посетија Инженерската групација број 7 на „Пауер Чајна“ во Ченгду, компанија што е директно вклучена во изградбата на автопатот Кичево–Охрид.
– Во моментов немаме нов проект во Македонија, но настојуваме да придонесеме повеќе и да развиеме нови проекти во корист на граѓаните на земјата – рекоа од компанијата.
Исто така, од компанијата за „Слободен печат“ потврдија и дека очекуваат целиот автопат Кичево–Охрид да биде завршен до крајот на мај 2027 година.
За време на презентацијата тие посочија дека компанијата има долга врска со Македонија.

Претставничката Чен Шуанг кажа дека во 2014 година, веднаш по вработувањето, била испратена во Македонија и работела на автопатот.
– За мене оваа средба има посебно значење. Во 2014 година, веднаш откако се приклучив на компанијата, заминав во Северна Македонија за да работам на проектот Кичево–Охрид – рече таа.
Од компанијата нагласија дека нивниот тим со години работел во земјава и дека преку проектите се запознал со македонската култура, историја и со локалното население.

Владата очекува завршување во првиот квартал
Изјавата на кинеската компанија доаѓа во исто време кога премиерот Христијан Мицкоски од Охрид вчера изјави дека очекува автопатската врска меѓу Кичево и Охрид да биде завршена во првиот квартал од 2027 година.
Мицкоски најави и дека делницата од Извор до Врбјани би требало да биде пуштена во сообраќај оваа есен, со што граѓаните ќе добијат дополнителни километри автопат.
Тој оцени дека завршувањето на автопатот ќе го скрати времето на патување кон Охрид и ќе придонесе за поголема посетеност и туристички развој на градот.
Владата, исто така, потврди дека автопатот треба да биде завршен во првиот квартал од 2027 година, додека компанијата го наведува крајот на мај како рок за целосно завршување на проектот.
Проект што трае од 2014 година
Автопатот Кичево–Охрид е долг околу 57 километри, а изградбата почна во 2014 година. Главниот изведувач е кинеската компанија „Синохидро“, дел од групацијата „Пауер Чајна“.
Проектот првично требаше да биде завршен за четири години, но рокот беше продолжуван повеќепати поради проблеми со првичната проектна документација, геолошките услови, свлечиштата, експропријацијата и потребата од дополнителни градежни зафати.
Вредноста на автопатот во текот на изградбата значително порасна. Со последниот анекс на договорот беа обезбедени дополнителни средства за санација на свлечишта, заштитни огради, паралелни патишта, контролен центар и други работи што не биле опфатени со првичниот проект.
Делови од автопатот веќе се пуштени во употреба, додека, пак, работите продолжуваат на преостанатите делници.
Од хидроцентрали до автопати, метроа и брзи железници
Инженерската групација број 7 е основана во 1965 година и првично била специјализирана за изградба на хидроцентрали и за големи водостопански објекти. Денес работи во составот на „Пауер Чајна“, една од најголемите државни инженерски и инфраструктурни групации во Кина.
Според податоците презентирани во Ченгду, компанијата има илјадници вработени и учествувала во изградбата на стотици хидроцентрали. Нејзиното работење со текот на годините се проширило на автопати, железници, метро-системи, мостови, тунели, станбена и општинска инфраструктура, производство на градежна опрема и обновливи извори на енергија.
Меѓу проектите во кои компанијата наведе дека учествувала се хидроенергетскиот комплекс „Три клисури“, системот за пренасочување на водите од југ кон север во Кина, брзата железница Џакарта–Бандунг и повеќе линии на метрото во големите кинески градови.
Во презентацијата беше издвоена и линијата 18 на метрото во Ченгду, проектирана за брзина до 160 километри на час, како и машините за пробивање тунели што компанијата ги развива и произведува во соработка со странски партнери.


