Кањон Матка/Фото: Слободен печат

Турист од Романија се изгубил на Матка — ЦУК и МВР го пронајдоа по неколкучасовна ноќна потрага

Државјанин на Романија вчера се изгубил во реонот Матка, во близина на пештерата Врело, по што синоќа во 21:55 часот преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 пријавил во Центарот за управување со кризи (ЦУК).

„Веднаш по приемот на пријавата, ЦУК ги презеде сите неопходни активности и ги извести Министерството за внатрешни работи (ЦИК Скопје), Дирекцијата за заштита и спасување и Црвениот крст на Република Северна Македонија, со барање за нивно вклучување во потрагата. Преку континуирана комуникација со изгубеното лице, операторите на ЦУК успеаја да ја утврдат неговата приближна локација врз основа на координатите и податоците од повикот на 112, по што тие беа доставени до ЦИК при МВР за полесно и побрзо лоцирање“ соопшти ЦУК.

На лицето му била дадена јасна инструкција да не се движи од местото каде што се наоѓа, бидејќи поради ноќта, непристапниот терен и дезориентацијата, тоа претставувало најбезбедна опција и воедно овозможувало полесно спроведување на потрагата, велат од Центарот за управување со кризи.

„Од страна на МВР – ЕВР Ѓорче Петров и Полициската станица Сарај, во координација со ЦУК, веднаш беше организирана теренска потрага. Поради непристапноста на теренот од страната на Матка, спасувачката екипа до местото се упати преку Националниот парк Јасен“ додаваат од ЦУК.

Во потрагата, со теренско возило, активно се вклучил и директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, како поддршка на полициските екипи.

„Во 03:45 часот лицето беше успешно пронајдено. Иако било видно испаничено и дезориентирано, било во стабилна здравствена состојба. По пронаоѓањето, беше пренесено во Полициската станица Сарај, каде што Министерството за внатрешни работи презема понатамошни мерки согласно своите надлежности, имајќи предвид дека станува збор за странски државјанин“ соопштија од Центарот за управување со кризи на Фејсбук.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот