Само тие што плаќаат чланарина во приватен клуб да може да пушат цигари – поднесен амандман за Законот за пушење
Поднесен е амандман на Законот за заштита од пушењето кој се наоѓа во собраниска процедура, со кој се бара пушењето цигари да биде дозволено само во „приватни клубови“. Министерот за здравство во заминување Азир Алиу, очекува Законот да биде изгласан наредните две недели и да стапи во сила. Приватен клуб, според дефиницијата во амандманот е „правно лице регистрирано со закон кое за потребите на своето работење користи затворен простор со ограничен пристап, наменет исклучиво за регистрирани членови кои доброволно членуваат и плаќаат чланарина и кој не е достапен за пошироката јавност“.
Препорачано
Експертската група што го подготви Законот, не го прифаќа барањето пушењето цигари да биде дозволено само во приватни клубови, зашто на таков начин, нема воопшто да се влијае на превенцијата од пушењето, особено кај младата популација.
Кога ќе стапи на сила, Законот за заштита од пушењето ќе ги забрани електронските цигари како и класичните, во јавни институции, фирми, образовни установи, на автобуски станици и постојки, на пазари, места со поголема фреквенција на движење, а и во автомобил ако еден од патниците е малолетно дете. Предвидените казни се од 100 до 300 евра за физички лица и од 2 до 5 илјади евра за компании. Според законските измени, угостителските објекти ќе имаат рок од една година да ги прилагодат терасите – треба да бидат отворени од барем две страни.


