По Бутел и Центар, камери на детски игралишта најавува и Општина Аеродром — ќе останат ли и тие само добра желба?
И Општина Аеродром, исто како што пред еден месец најави и Општина Бутел, планира да постави камери со кои ќе врши видеонадзор на детските и на спортските игралишта, како и во парковите.
Препорачано
Предлогот за отпочнување на ваквата постапка беше усвоен на вчерашната седница на Советот на Општина Аеродром.
Секое искршено игралиште е загуба за сите, а најмногу за нашите деца. Затоа, покрај реконструкцијата и обновата на спортските и детските игралишта, преземаме конкретни чекори за нивна трајна заштита. Нема компромис со вандализмот. Новиот систем ќе придонесе за спречување на вандализмот, заштита на општинскиот имот и урбаната опрема, зачувување на парковите и игралиштата, како и поддршка на надлежните институции во откривањето сторители на казниви дела. Истовремено, ќе обезбеди поголем јавен ред, поголема безбедност и подобра заштита на јавната инфраструктура – информираат од Аеродром.
Оттаму додаваат дека реализацијата на овој проект ќе се спроведе согласно со законските процедури, со целосно почитување на заштитата на личните податоци и на сите пропишани стандарди.
Пред еден месец најава за поставување на камери стигна и од градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, кој јавно се пожали дека нема друг начин да се заштитат детските и спортските игралишта, како и урбаната опрема од вандализирање.
Тој порача дека снимките од надзорот ќе може да се користат за евентуална судска кривична или прекршочна постапка единствено по налог на надлежните институции, со целосно почитување на законите. До овој момент нема информација од Општината до каде е оваа постапка и дали е веќе направена проценка на влијанието на камерите врз заштитата на личните податоци.
Ваква слична одлука пред две години беше донесена и во Општина Центар, но камерите никогаш не беа поставени поради тоа што со нив се кршеа правата на граѓаните за заштита на личните податоци.
Не може кој како сака да става камери, општините мора прво да обезбедат заштита на личните податоци
Од Агенцијата за заштита на лични податоци неодамна за „Слободен печат“ објаснија дека во согласност со Законот за заштита на личните податоци, кога при користење на нови технологии за некој вид на обработка на податоци постои веројатност тоа да предизвика висок ризик за правата и слободите на физичките лица, пред да биде извршена обработката, контролорот, односно во овие случаи општините, мора да извршат процена на влијанието на предвидените операции на заштитата на личните податоци. Ова особено е важно ако се користи систем за видео надзор преку кој ќе се врши систематско набљудување на јавно достапни простори во големи размери.
Извршената процена на влијанието на заштитата на личните податоци контролорот е должен да ја изработи пред започнување на операциите за обработка на личните податоци, односно пред воспоставување на системот за вршење видеонадзор, бидејќи според одредбите од Законот за заштита на личните податоци, контролорот е одговорен за усогласеноста со прописите за заштита на личните податоци, при што е должен да ја демонстрира усогласеноста (отчетноста), објаснија од Агенцијата за заштита на личните податоци.
ФОТО | Некој ги полеал со моторно масло сите реквизити на детско игралиште во Кисела Вода


