Дефицитот на термини во јавното здравство ги принудува пациентите да кешираат во „втора смена”
Електронскиот систем „Мој термин“, кој требаше да овозможи транспарентен увид во слободните термини кај специјалистите, покажува недостиг на термини или чекање што се мери во денови, па и месеци. Анализата што ја направивме на јавно достапните податоци на порталот открива фрапантни разлики во ангажманот на лекарите во јавното здравство – за одредени специјалности, особено во летниот период, некои доктори имаат отворени термини за преглед само двапати во месецот.
Препорачано
На што се должи ова редуцирање на термините во редовното работно време? „Слободен печат“, доби сведоштва од граѓани дека не се задоволни од бројот на отворени термини особено во хируршките гранки. Во рамките на законски дозволената дополнителна дејност, постои и добро разработен механизам на препраќање на пациентите од јавните во т.н. приватни термини.
Сериозни човечки судбини се наоѓаат во листите на чекање, а немањето доволно термини некогаш доведува и до плаќање поткуп. Законските регулативи каде одговорен за поткупот е и тој што го дава, им ја затвора устата на оние што го даваат, бидејќи со давањето на парите се мачеле да купат подолг живот на свој сакан.
-На мој роднина пред шест и пол години му открија канцер на панкреас и докторот ни рече дека мора операција, ептен е од итност, ама тој нема термини. Или ќе платите пет илјади евра во плик, за да влезам во сала во термин на колега, да дадам на анестезиолог и на патолог за испитувањето, или 10 илјади евра во приватна болница. Го оперираше, а на отпуштање ни рече дека со ова сме купиле 8-9 месеци живот. И навистина така беше… Докторот е врв, ама начинот на наплата му е…, сподели со „Слободен печат“ граѓанин.
Друг пак ни сподели дека немањето државен термин, го чинело илјадници денари.
-Во болницата немаше термин кај ортопед, па откако плативме за дополнителна дејност, го оперираше истиот доктор и тоа за два часа откако ги дадовме парите. Тогаш најде термин. Точно 43.451 денар ни наплатија – рече тој.
Проблемот според доктор Милан Ристевски, поранешен директор на Клиниката за онкологија, а сега вработен во приватното здравство, е најизразен во хируршките гранки. Тој отворено говори за аномалиите во организацијата на работата.
-Операциите се често финансиски мотивирани. Одлично прашање за министерот е зошто специјалистот се појавува по 15 часот (кога почнува дополнителната дејност), а го нема до 15 часот? Има хирурзи со еден оперативен ден и еден ден во амбуланта. Три дена за што оди на работа? Изговорот е дека немало слободни сали. Добро, зошто не се работи тогаш во втора смена?, изјави за „Слободен печат“ Ристевски, посочувајќи и на недостигот на медицинскиот кадар, како што се анестезиолозите.
Тој додава дека термините во болниците ги креираат раководителите на одделите, што остава огромен простор тие да менаџираат со листите на чекање.
Во одредени гранки, како што е онаа во која е тој стручен – онкологијата, недостигот на кадар наскоро може да стане државен проблем и во таа гранка системот да крахира. Конкретно, тој говори за фактот што во Македонија има само 40 онколози, а преваленцата на рак, која вклучува и луѓе што се враќаат за да земат терапија, да направат контролен преглед, итн., е 50 илјади луѓе.
-Обем на пациенти што може да насели еден град е оставен на 40 доктори, од кои сите не работат исто. Ако не се направи државна стратегија, здравствениот систем ќе крахира во оваа област – предупредува тој.
Според членот 222 од Законот за здравствена заштита, на докторите специјалисти во јавното здравство им е дозволено да вршат дополнителна дејност надвор од редовното работно време. Доколку пациентот сака интервенцијата да биде извршена порано од закажаниот регуларен термин, во договор со докторот се закажува термин во дополнителна дејност кој се плаќа приватно, но по ценовници утврдени од државата. Во тоа плаќање влегува цената за формирањето на лекарскиот тим.
Истражувањето на Здружението ЕСЕ, спроведено помеѓу здравствени работници, во рамки на проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“, наведува дека препраќањето во приватен термин е честа коруптивна пракса.
-Истражувањето покажува дека 39 проценти од здравствените работници го препознаваат упатувањето на пациентите во приватни термини, односно во термини за дополнителна дејност, како форма на корупција. Со тоа, ова е третата најчесто посочувана коруптивна практика, веднаш по барањето или примањето пари и подароци или ваучери пред да биде обезбедена здравствената услуга. Самата дополнителна дејност е законски дозволена, но проблемот настанува кога недостигот на термини, начинот на организирање на работата или намерното ограничување на услугите во редовното работно време го доведуваат пациентот во ситуација фактички да нема избор. Во такви околности, плаќањето за дополнителен термин не е слободна одлука на пациентот, туку последица на системските слабости и на можниот конфликт на интереси, при што најмногу се погодени пациентите кои не можат да платат“, велат од Здружението ЕСЕ.
Поранешниот министер за здравство, доктор Драган Даниловски, за „Слободен печат“ објаснува дека самата дополнителна дејност не е криминал.
-Проблемот настанува доколку пациентите се наведуваат да преминуваат од редовниот јавен, во дополнителниот режим на работа за да добијат побрза услуга. Кога ваквите случаи стануваат честа појава, тоа е сигнал дека системот не функционира. Одговорноста не може да се бара само кај поединечни лекари – вели д-р Даниловски.
Тој потенцира дека директорите на јавните здравствени установи ја носат клучната одговорност бидејќи тие ги потпишуваат одобренијата за дополнителна дејност и мора да вршат надзор.
-Најголемата цена ја плаќаат пациентите. Иако редовно плаќаат здравствено осигурување, повторно мораат да издвојуваат сериозни сопствени средства за услуги кои, во принцип, треба да бидат достапни во јавниот здравствен систем. Со тоа се продлабочуваат здравствените нееднаквости – побрз пристап добиваат оние што можат да платат, додека останатите се принудени да чекаат – дециден е Даниловски, кој спас гледа во целосна интеграција на јавниот и приватниот сектор со исти правила и еднаква достапност преку Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).
Министерство за здравство: „Не поддржуваме политика на препраќање на пациенти надвор од законски дозволеното“
Од Министерството за здравство за „Слободен печат“ велат дека континуирано работат на унапредување на достапноста и квалитетот на здравствените услуги во јавниот здравствен систем, со цел пациентите здравствената заштита да ја остваруваат навремено и во рамки на јавните здравствени установи. Бројни пациенти ни пишаа дека иако директно не се препратени во термин за дополнителна дејност, се чувствуваат како тоа да се прави индиректно.
-Со хронична опструктивна белодробна болест тешко е анестезиолог да најдам за да извадам камен од жолчка. И години наназад одам еден ист пат – ги правам сите можни анализи, пулмологот со добра терапија дава мислење дека можам да се оперирам, на крај доаѓа лето и тогаш нема операции или поминала една година и ми застареле сите можни предоперативни анализи. Немам шанса побрзо да ги средам тие детални анализи. На приватно може веднаш, но сумата е прилично голема – ни пиша пациентка.
Тоа што за неа не можат „да се поклопат коцките“ за да се изведе операцијата, ја отвора вратата да мора да го бара терминот во приватна болница.
Од Министерството за здравство се свесни дека причините поради кои одредени пациенти се одлучуваат здравствените услуги да ги користат во приватни здравствени установи се различни и зависат од повеќе фактори, како што се индивидуалниот избор на пациентот, времето на чекање за одредени здравствени услуги, кадровските и просторните капацитети на одделни јавни здравствени установи, како и достапноста на одредени дијагностички и терапевтски процедури. Но, оттаму ни изјавија дека не поддржуваат и немаат политика на препраќање пациенти од jавниот во приватниот здравствен сектор надвор од законски утврдените постапки.
– Секое постапување на здравствените работници е должно да биде во согласност со законските прописи, професионалните стандарди и кодексот на медицинската етика, при што интересот на пациентот е секогаш на прво место, потсетуваат оттаму.
Во насока на намалување на причините што можат да доведат до користење здравствени услуги во приватниот сектор, од Министерството тврдат дека преземаат континуирани мерки за зајакнување на капацитетите на јавните здравствени установи преку обезбедување нови вработувања, набавка на современа медицинска опрема, подобрување на инфраструктурата, оптимизација на организацијата на работата и унапредување на системите за управување со листите на чекање. Дополнително, дел од приватните здравствени установи имаат склучени договори со Фонд за здравствено осигурување, во рамки на кои здравствените услуги се реализираат согласно упатување од матичен лекар или специјалист и утврдените правила и процедури.
Сепак, реалноста на теренот покажува дека додека државата „оптимизира“, пациентите често се принудени да „купуваат“ термини кои претходно уредно ги платиле преку месечните придонеси во државниот фонд.


