Фото: Слободен печат/Анета Стојковска

ДУП на Карпош „падна“ на Уставен суд, не се почитувале законските рокови при неговото донесување

Уставниот суд на седницата одржана на  3 јуни годинава, донесе Одлука со која се укинува одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за Градска четврт Ј 02.

Станува збор за ДУП со кој е опфатен просторот помеѓу населбите Жданец и Нерези, локалитети А, Б и В во општина Карпош, кој општинскиот Совет го усвои на 13 март минатата година.

Во својата одлука Уставниот суд детално го образложува целиот процес кој се спроведувал во Општината при донесувањето на ДУП-от и притоа констатирал дека не се испочитувани законските рокови во постапката предвидени при постапката за донесување на урбанистичкиот план.

Заради непочитувањето на предвидените законски рокови и соодветните надлежности на градоначалникот и Советот на Општината, Судот оцени дека оспорената одлука е спротивна на член 39 ставови 1, 5 и 6 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и на член 8 став 1 алинеи 3 и 10 и член 51 од Уставот,  се наведува во одлуката на Судот.

Од „Независни за Карпош“ деновиве посочија дека  ДУП- от за Ј 02 бил донесен од минатиот состав на Советот на Општина Карпош, и покрај многуте неправилности на кои  укажале независните советници на 62-та седница одржана во март 2025 год.

Сите советници повеќе пати добивавме и мејлови од наши сограѓани кои укажуваа на повреди на нивните права на терен, но за жал сите забелешки беа игнорирани од мнозинството кое го изгласа. Две години преходно како Совет донесовме одлука за негова доработка и корекција и тоа на барање на градоначалникот, за да три години потоа без никакво образложение ни го сервираат за гласање заедно со укинатите ДУП-ови З08 и З09.  Сега се поставува прашањето дали конечно некој ќе сноси одговорност за носење ДУП-ови кои ги кршат основните уставни права и начела? Дали секогаш се виновни тие кои предупредуваат и укажуваат на неправилностите, нетранспарентноста и начинот на изготвување и гласање на ДУП-ови? – прашуваат од „Независни за Карпош“.

Вандализираниот и запуштен „Влајко“ можеби повторно ќе се обновува

Од тие причини тие бараат Општината да иницира изработка на Детални урбанистички планови, каде планирањето ќе биде за потребите на жителите, а не на инвеститорите, со стручна и непристрасна анализа на тие што се во изработка. Како што велат, постапките мора да бидат максимално транспарентни и секоја забелешка да биде сериозно разгледана.

Ова не е единствениот ДУП на Општина Карпош кои во изминатите години е укинат од Уставен суд поради различни неправилности. Во 2015 година беше укинат планот за Градска четврт 3 08, кој минатата година беше повторно донесен со суспензија за градба во одредени делови.

Во 2016 година беа укинати дури четири Детални урбанистички планови на Општина Карпош.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот