Самарџиски и понатаму меѓу европската елита – рекорд стар две децении сè уште во топ 10 на ФИБА
Предраг Самарџиски ова лето за првпат е дел од едно младинско Европско кошаркарско првенство во улога на тренер. Поранешниот македонски репрезентативец го започнува своето тренерско поглавје, но неговото име одамна е запишано во историјата на младинските европски шампионати.
Препорачано
Во најновата публикација на ФИБА, посветена на најдобрите индивидуални остварувања во историјата на младинските Европски првенства, Самарџиски и денес е меѓу најуспешните во една од најважните статистички категории – скоковите.
Архивата на ФИБА потврдува дека поранешниот македонски центар се наоѓа меѓу десетте најдобри скокачи на еден натпревар во историјата на младинските европски шампионати. На Европското првенство од Дивизијата „Б“ во Лисабон, пред точно 20 години, Самарџиски забележа извонредни 21 скок на натпреварот против Белгија – учинок што и денес останува дел од историските рекорди на европската младинска кошарка.
Покрај Самарџиски, во рекордните книги на ФИБА се впишани уште двајца македонски репрезентативци.
Андреј Магдевски е седмопласиран на вечната листа според бројот на асистенции на еден натпревар. На Европското првенство во 2015 година, во дуелот против Белорусија, македонскиот плејмејкер запиша 13 успешни додавања, што и денес претставува едно од најдобрите индивидуални достигнувања во оваа статистичка категорија.
Меѓу рекордерите се наоѓа и Ивица Димчевски. На младинскиот Евробаскет во 2009 година, во натпреварот против Финска, тој освои осум украдени топки, резултат што е втор најдобар во историјата на младинските европски првенства според оваа статистичка категорија.
Фактот дека и по две децении имињата на Самарџиски, Магдевски и Димчевски сè уште се наоѓаат меѓу рекордерите на ФИБА е потврда за квалитетот на генерациите кои ја претставуваа Македонија на европската сцена и за трајната вредност на нивните индивидуални достигнувања.


