Градежници работници / Фото: „Слободен печат“/ Драган Митрески

Каде исчезнуваат, а каде се појавуваат нови работни места во земјава?

Податоците покажуваат дека мажите и понатаму се побројни во вкупната вработеност, но жените имаат значително присуство во повеќе сектори, особено во образованието, здравството, финансиските дејности и дел од услужните активности.

Слушај ја веста

Бројот на вработени во Република Македонија во 2025 година изнесува 614.334, покажуваат најновите податоци за состојбата на пазарот на трудот. Иако вкупната бројка останува речиси непроменета во споредба со претходната година, структурата на вработеноста открива значајни промени – дел од секторите растат и отвораат нови работни позиции, додека други бележат пад и губење на работна сила.

Од вкупниот број вработени, 330.240 се мажи, а 284.094 се жени. Податоците покажуваат дека мажите и понатаму се побројни во вкупната вработеност, но жените имаат значително присуство во повеќе сектори, особено во образованието, здравството, финансиските дејности и во дел од услужните активности.

Во однос на 2024 година, бројот на вработени е намален за 0,1 отсто, што статистички претставува мала промена, но зад оваа бројка се крие различна динамика по економски гранки. Најголемото намалување е забележано во преработувачката индустрија, каде што бројот на вработени се намалил за 5,2 проценти. Овој сектор, кој традиционално е еден од најголемите работодавачи во земјата, во 2025 година брои 120.209 вработени.

Преработувачката индустрија и понатаму останува сектор со најголем број работници, но падот укажува на предизвици со кои се соочуваат производните компании – од промени во побарувачката и трошоците за производство, до потребата за модернизација и адаптација кон новите економски услови.
Веднаш зад индустријата, значаен удел во вработеноста има трговијата. Во секторот „Трговија на големо и мало; поправка на моторни возила и мотоцикли“ работат 106 250 луѓе. Овој сектор останува еден од столбовите на домашниот пазар на труд, особено поради големиот број мали и средни бизниси кои функционираат во продажбата и услугите.

Раст, пак, е забележан во секторите поврзани со услуги и туризам. Бројот на вработени во „Објекти за сместување и сервисни дејности со храна“ е зголемен за 5,5 проценти. Во овој сектор работат 29.171 лице, што укажува на постепено заживување на туристичките и на угостителските активности.
Зголемување на вработеноста има и кај „Административни и помошни услужни дејности“, каде што бројот на вработени е поголем за 3,3 проценти. Овој тренд покажува дека услужниот сектор станува сè поважен извор на нови работни места.

Меѓу најголемите работодавачи во земјата се и јавната управа, образованието и здравството. Во јавната управа и одбраната, заедно со задолжителното социјално осигурување, се вработени 44.983 луѓе. Во образованието работат 44.337, додека во здравствената и социјалната заштита бројот на вработени изнесува 43.288. Интересна е половата структура во овие области. Во образованието доминираат жените со 30.045 вработени, наспроти 14.292 мажи. Слична е состојбата и во здравството и социјалната заштита, каде што од вкупно 43.288 вработени, 33.291 се жени, а 9.997 се мажи.

Од друга страна, секторите како градежништвото и транспортот остануваат претежно машки професионални области. Во градежништвото од вкупно 34.446 вработени, 29.204 се мажи, додека во транспортот и складирањето од 34.510 работници, 27.960 се мажи. Податоците покажуваат и дека информатичко-комуникацискиот сектор продолжува да има значајна улога во економијата. Во него работат 24.620 луѓе, од кои 14.353 се мажи, а 10.267 жени. Иако бројот на вработени е помал во споредба со традиционалните индустрии, овој сектор се смета за еден од најперспективните поради растот на дигиталните услуги и технологијата.

Севкупната слика за 2025 година покажува стабилен број вработени, но и промена на структурата на економијата. Производните сектори се соочуваат со притисоци, додека услугите, туризмот и административните дејности бележат раст. Експертите често укажуваат дека идниот развој на пазарот на труд ќе зависи од способноста на компаниите да создаваат поквалитетни работни места, од вложувањата во образование и вештини, како и од приспособувањето кон новите економски трендови.

Бројката од 614.334 вработени покажува дека пазарот на трудот во Северна Македонија останува релативно стабилен, но деталите по сектори откриваат дека работните места постепено се префрлаат од традиционалните индустрии кон услужните и современите економски активности.

Сè помалку работници во фабриките, најголем пад во рударството

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот