Македонија губи милиони, Кина заработува – што ни недостасува во земјоделството?
Македонскиот аграр има голем потенцијал, но за поголема конкурентност се потребни модерна логистика, дигитализација и директна врска меѓу производителите и потрошувачите- велат доц. д-р Игор Иљовски и проф. д-р Златко Арсов од Факултетот за земјоделство и храна
Земјоделството денес не завршува со бербата. Најголемата вредност на производот се создава низ целиот синџир – од производство, складирање и транспорт, преку преработка и контрола на квалитетот, до продажба и директен контакт со потрошувачите. Токму тоа е една од најважните лекции што Македонија може да ја извлече од кинеското искуство, сметаат доц. д-р Игор Иљовски и проф. д-р Златко Арсов од Факултетот за земјоделски науки и храна.
Препорачано
– Македонското земјоделство има квалитетни производи и долгогодишна традиција, но за да стане поконкурентно на домашниот и на меѓународниот пазар, потребно е да направи чекор напред во логистиката, дигитализацијата и начинот на кој храната стигнува до потрошувачите. Токму тоа е една од најважните поуки што може да се извлечат од кинеското искуство – велат тие.
Според нив, современото земјоделство повеќе не се мери само според приносите, туку според тоа колку е добро организиран целиот синџир – од нивата до трпезата.
– Кинеското искуство покажува дека земјоделството повеќе не може да се гледа само како производство на суровина. Денес вредноста се создава во целиот синџир – од прецизното производство, преку складирањето и транспортот, до маркетингот и директниот контакт со потрошувачите преку е-трговските платформи – велат Иљовски и Арсов.

Тие објаснуваат дека една од најголемите предности на кинескиот модел е изградбата на силен систем за циркулација на земјоделските производи, кој овозможува храната брзо, безбедно и со минимални загуби да стигне до крајните купувачи. Наместо земјоделскиот производ да ја заврши својата приказна со бербата, секоја следна фаза како складирање, транспорт, преработка, пакување и маркетинг создава дополнителна вредност.
Еден од најзначајните елементи во овој систем е развојот на логистиката на „ладниот ланец“. Станува збор за мрежа од современи ладилници, логистички центри и транспортни системи што овозможуваат производите да се чуваат во строго контролирани температурни услови. Таквиот пристап е особено важен за овошјето, зеленчукот, месото, млечните производи и другата лесно расиплива храна.
– Без современ „ладен ланец“, голем дел од вредноста на земјоделскиот производ се губи по патот од производителот до потрошувачот. Со контролирана температура се продолжува рокот на траење, се одржува квалитетот и се отвораат можности за извоз на глобалните пазари – истакнуваат професорите.
Според нив, токму ова е една од областите во кои Македонија има најголема потреба од инвестиции. Домашното производство е во голема мера сезонско, а недостигот од современи капацитети за складирање и разладен транспорт често доведува до поголеми загуби, притисок врз цените и намалена конкурентност на производителите.
Покрај „ладниот ланец“, Кина последниве години развива и големи логистички паркови што претставуваат многу повеќе од класични магацини. Во нив се врши сортирање, пакување, контрола на квалитетот, подготовка и обработка на производите пред тие да заминат кон домашниот или странските пазари.
– Преку дигитални платформи и модерна логистика Кина ја интензивира прекуграничната е-трговија со земјоделски производи, обезбедувајќи брз и сигурен транспорт на свежи производи до различни пазари – вели Иљовски.
Но, модерното земјоделство не се менува само преку инфраструктурата. Еднакво важна е и дигиталната трансформација на продажбата. Наместо производителите да зависат исклучиво од посредници, сè поголем број кинески земјоделци продаваат директно преку онлајн платформи и дигитални пазари, што им овозможува подобро да ги разберат потребите на купувачите и побрзо да реагираат на промените во побарувачката.
– Дигиталната трансформација создава нова врска меѓу производителот и потрошувачот. Информациите стануваат клучен ресурс, бидејќи преку нив земјоделците можат навремено да донесуваат одлуки за производството, цените и пласманот – нагласуваат Иљовски и Арсов.

Во овој процес значајна улога имаат современите технологии. Интернетот овозможува преку сензори да се следат влажноста на почвата, климатските услови, развојот на растенијата и потребите за наводнување. Вештачката интелигенција ги анализира собраните податоци и помага во планирањето на производството и предвидувањето на побарувачката, додека блокчејн технологијата обезбедува целосна следливост на производите – од нивното производство до продажбата.
Според професорите, токму информациите стануваат новата вредност во земјоделството. Производителот што располага со точни податоци, може подобро да го организира производството, да ги намали трошоците и да произведува според реалните потреби на пазарот.
Големи промени се случуваат и во начинот на промоција на храната. Во Кина, покрај традиционалните канали за продажба, сè поголема улога имаат социјалните мрежи, дигиталните платформи, инфлуенсерите и продажбата преку преноси во живо. Производителите директно комуницираат со потрошувачите, го претставуваат процесот на производство и ја градат довербата во својот бренд.
– Современиот маркетинг му овозможува на производителот да ја раскаже приказната за својот производ – каде е произведен, како е произведен и зошто потрошувачот треба да му верува. Тоа создава дополнителна вредност и доверба – велат Иљовски и Арсов.
Тие сметаат дека овој пристап може успешно да го применат и македонските производители на мед, вино, овошје, зеленчук и традиционални прехранбени производи, кои веќе располагаат со препознатлив квалитет, но имаат простор за подобра промоција и директна продажба преку дигиталните канали.
Според нив, најважната лекција од кинескиот модел е дека развојот на земјоделството не треба да се сведува само на зголемување на производството.
– Македонија располага со квалитетни земјоделски производи, но неопходно е современо организирање на целиот синџир на вредности. Развојот на логистички центри, ладниот ланец, дигиталните платформи и модерниот маркетинг може значително да ја зголеми вредноста на домашното производство – нагласуваат Иљовски и Арсов.

Тие додаваат дека современото земјоделство е природно продолжение на традиционалното производство, надградено со нови технологии, знаење и современи деловни модели. Производството останува основата, но конкурентноста денес сè повеќе зависи од тоа колку ефикасно функционираат логистиката, дигиталните системи, маркетингот и дистрибуцијата.
– Кинескиот пример покажува дека патот од нивата до трпезата повеќе не е само физички процес. Тој станува дигитален, паметен и поврзан систем во кој секој чекор носи нова вредност. Токму во таа насока треба да се движи и македонското земјоделство ако сака да биде поконкурентно и поуспешно на европските и на светските пазари – порачуваат Иљовски и Арсов.
2.500 евра годишно за малите земјоделци, Брисел ја поедноставува Заедничката земјоделска политика


