Револверот од Ердоган патува за Скопје, ама Сиљановска-Давкова нема ни да го пипне
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова нема да го користи револверот што како подарок го добила од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, ниту ќе има каков било контакт со него, потврдија за „Слободен печат“ од нејзиниот Кабинет.
Препорачано
Подарокот, според информациите од Кабинетот, е примен преку државниот протокол и преку дипломатска пошта, а согласно процедурите ќе биде донесен во Скопје. Оттаму посочуваат дека револверот ќе биде соодветно евидентиран во Кабинетот на претседателката и дека со него ќе се постапи според Законот за оружје.
Ова доаѓа откако турски медиуми објавија дека Ердоган на лидерите на НАТО им подарил гравиран револвер и кутија со муниција. Подарокот предизвика внимание поради неговата необична природа, особено затоа што станува збор за оружје кое, иако е дипломатски подарок, подлежи на посебни правила и процедури.
Сиљановска-Давкова присуствуваше на Самитот на НАТО, каде што, според објавите, вакви подароци добиле лидерите што учествувале на настанот. Од Кабинетот сега појаснуваат дека подарокот нема да биде во лична употреба на претседателката, туку ќе биде третиран институционално, како предмет примен преку официјален протокол.
Во вакви случаи, подароците што ги добиваат државни функционери не се третираат како обични лични подароци. Тие се евидентираат, се внесуваат во соодветна документација и со нив се постапува според важечките прописи. Кога предметот е оружје, дополнително се применуваат и правилата од Законот за оружје.
Од Кабинетот на претседателката не наведуваат каде точно ќе биде чуван револверот откако ќе пристигне во Скопје, но нагласуваат дека Сиљановска-Давкова нема да го користи и нема да има контакт со него.
Подароците биле доделени на маргините на 36. Самит на НАТО, кој се одржа на 7 и 8 јули во претседателскиот комплекс во Анкара. Тоа беше прв Самит на НАТО организиран од Турција по Самитот во Истанбул во 2004 година.
На Самитот доминираа теми поврзани со одбранбените трошоци, поддршката за Украина и можноста за обновување на американската продажба на оружје за Анкара, меѓу кои и евентуалното укинување на долгогодишната забрана за продажба на борбените авиони Ф-35 на Турција.
Ердоган делел револвери на Самитот во Анкара: Дали и Сиљановска-Давкова брои куршуми?


