Џастин Балдони со сопругата Емили / Фото: Инстаграм/Џастин Балдони

ВИДЕО | Џастин Балдони првпат проговори по спогодбата со Блејк Лајвли: „Правдата и фактите зборуваа сами за себе“

Џастин Балдони првпат јавно се огласи по постигнатата спогодба во судскиот спор со Блејк Лајвли, поврзан со филмот „Ова завршува со нас“ (It Ends With Us).

Во видео објавено на Инстаграм, актерот и режисерот се појави заедно со сопругата Емили Балдони и откри дека свесно избрале да молчат речиси две години.

„Не зборувавме јавно речиси две години, и тоа не затоа што немавме што да кажеме. Господ знае дека имавме, но секојпат кога ќе посакавме да снимиме вакво видео, чувствувавме дека не е вистинскиот момент“, рече Балдони.

Неговата сопруга додаде дека сега чувствуваат дека е време да проговорат, но нагласи дека сè уште не се подготвени да откријат сè што се случувало.

„Има многу што да се каже. Благодарноста нè спаси, но тоа не ја поништува неправдата и болката што ги почувствувавме изминативе години. Поминавме низ многу трауми и сè уште се обидуваме да разбереме како воопшто можеше да се случи вакво нешто“, изјави Емили.

Блејк Лајвли и Џастин Балдони во филмот „Ова завршува со нас“ / Фото: Sony Pictures / Everett / Profimedia

Иако Балдони ниту еднаш не ја спомена Блејк Лајвли по име, тој истакна дека сакале да му дозволат на правосудниот систем да си ја заврши работата.

„Имаше многу болни работи што беа кажани во изминативе години. Тоа создаде огромна врева, а ние не сакавме да придонесуваме кон неа. Само сакавме правосудниот систем да си ја заврши работата“, рече актерот.

Емили додаде дека „вистината и фактите зборуваа сами за себе“.

Балдони откри дека тој и неговото семејство сè уште закрепнуваат од случувањата.

„Заздравувањето не оди по права линија. Секој ден изгледа различно. Моравме повторно да откриеме што е вистинско и што навистина е важно. Тоа се нашето семејство, пријателите, заедницата и нашата вера“, рече тој.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Justin Baldoni (@justinbaldoni)


Двојката, која е во брак од 2013 година, истакна дека целото искуство уште повеќе ги зближило и ја зацврстило нивната вера.

Судскиот спор започна во декември 2024 година, кога Блејк Лајвли поднесе тужба против Балдони и други лица поврзани со филмот, обвинувајќи ги за сексуално вознемирување и одмазда. Балдони ги негираше обвинувањата и возврати со противтужба вредна 400 милиони долари против Лајвли, нејзиниот сопруг Рајан Рејнолдс, нивната портпаролка Лесли Слоун и нејзината ПР-компанија, тврдејќи дека бил наклеветен и дека бил прекршен договор. Подоцна, противтужбата беше отфрлена.

Во меѓувреме, федерален судија пресуди дека Лајвли има право да побара надомест на адвокатските трошоци поврзани со противтужбата на Балдони, но евентуалното барање за тројна или казнена отштета ќе мора да го покрене во посебна постапка.

Колин Хувер и Џастин Балдони за време на снимањето на филмот „Ова завршува со нас“ / Фото: Sony Pictures / Everett / Profimedia

На 4 мај адвокатите на двете страни соопштија дека постигнале спогодба, со што беше ставен крај на повеќемесечната правна битка. Во заедничката изјава наведоа дека сите остануваат посветени на создавање работни средини без несоодветно однесување и изразија надеж дека случајот ќе им овозможи на сите инволвирани мирно да продолжат понатаму.

Адвокатот на Балдони, Брајан Фридман, по постигнувањето на спогодбата изјави дека исходот претставува „целосна победа“ за неговите клиенти. Според судските поднесоци, Лајвли ги повлекла преостанатите тужбени барања без продукциската куќа „Вејферер студиос“ да исплати дел од бараната отштета од 300 милиони долари.

„Ова завршува со нас“, снимен според истоимениот бестселер на Колин Хувер, заработи повеќе од 350 милиони долари на светските кино-благајни.

Лајвли и Балдони ставија крај на судската „сапуница“ — постигнаа спогодба две недели пред официјалниот почетокот на судењето

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот