Инсталацијата „Под од кикирики“ во чест на Вим Т. Шиперс - Фото: ANP / Shutterstock Editorial / Profimedia

ФОТО | Подот од путер од кикирики повторно е изложен во Ротердам во чест на Вим Т. Шиперс

Во Музејот „Бојманс ван Беунинген“ во Ротердам од петок повторно ќе биде поставена инсталацијата „Под од кикирики“, создадена како омаж на холандскиот концептуален уметник Вим Т. Шиперс, кој почина минатиот месец на 83-годишна возраст, пренесува „АП“.

Шиперс првпат го изработил делото во 1969 година. Инсталацијата, која ќе може да се види во следните два месеца во холандскиот пристанишен град, е едно од неговите најпознати дела преку кое ги преиспитувал вообичаените сфаќања за тоа што претставува уметноста.

Инсталацијата „Под од кикирики“ во чест на Вим Т. Шиперс – Фото: ANP / Shutterstock Editorial / Profimedia

Покрај својата работа како концептуален уметник, Шиперс бил познат и по тоа што ги позајмувал гласовите на Ерни и Кермит во холандската верзија на детската телевизиска емисија „Улица Сезам“. „Под од кикирики“ е дел од неговата серија подни инсталации, во која имало и подови покриени со парчиња стакло и со сол.

При обраќање пред новинарите во Централниот музеј во Утрехт во 1997 година, кога делото по вторпат било изложено таму, Шиперс рекол:

„Зарем не е прекрасно што сите стоиме овде и гледаме во кикирики?“

За повторното поставување на инсталацијата во Музејот „Бојманс ван Беунинген“, двајца вработени неколку дена нанесувале содржина од 40 кофи со путер од кикиритки врз површина во облик на шестоаголник од 25 квадратни метри. Со помош на глетарки тие го распоредиле слојот до дебелина од два сантиметри.

Уметникот никогаш не оставил прецизни насоки за големината, обликот, дебелината или видот на путерот од кикирики што треба да се користи при поставувањето на делото. Овојпат мазен путер од кикирики донирала холандска компанија, а претходните изложувања на инсталацијата предизвикале и необични реакции кај посетителите.

Во 2011 година неколку лица влегле во лепливата инсталација, а во 1997 година група посетители поставила 12 парчиња леб и неколку кесички со чоколадни трошки врз неа.

Тогаш Шиперс за весникот „Фолкскрант“ изјавил: „Не изгледа лошо. Трошките се распоредени со чувство за мера и со вешта рака.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот