На денешен ден – 9 јули

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

1441.- Умре фламанскиот сликар Јан ван Ајк, еден од најголемите европски сликари во 15. век, родоначелник на ренесансното реалистичко сликарство во северна Европа, творец на фламанската сликарска школа.

1519.- Шпанскиот освојувач Ернан Кортез се истовари на Мексиканскиот Залив, каде го основа градот Вера Круз и започна со освојувањето на Мексико, кое заврши во 1521 година со уништување на царството на Асцтеките.

1762.- Рускиот цар Петар Трети Фјодорович Романов, од германско потекло, абдицираше иако владееше само неколку месеци.

1816.- Аргентина доби независност. Беше шпанска колонија од 1536 година. – Национален празник на Аргентина.

1850.- Роден е Иван Вазов, бугарски писател, истакнат драматург, публицист, литературен критичар и општественик. Автор е на романот „Под игото“, како и на поетските книги „Прапорец и гусла“, „Мајска китка“, „Под нашето небо“, „Песни за Македонија“ и „Нема да загине“. Умре во 1921 година.

1873.- Педесет години по пуштањето на првата железница во светот, меѓу Скопје и Солун е воспоставена првата железничка врска.

1877.- Во Вимблдон почна првиот тениски турнир.

1879.- Роден е Оторино Респиги, италијански композитор, диригент, педагог, виолинист и пијанист. Познати се неговите оркестарски суити „Птици“, и „Ботичелијански триптих“, симфониската поема „Римските фонтани“, операта „Потопеното ѕвоно“ и „Пламен“. Умре на 18 април 1936 година.

1916.- Роден е англискиот државник Едвард Хид, водач на Конзервативната партија од 1965 до 1975 година. Како премиер на Велика Британија од 1970 до 1974 година ја воведе земјата во Европската економска заедница (сегашна Европска унија).

1922.- Американецот Џони Вајсмилер преплива 100 метри за 58,6 секунди, станувајќи првиот човек на кого му требаше помалку од една минута за овој чин.

1932.- Умре американскиот пронаоѓач Кинг Кемп Џилет изумител на ножот за бричење – кај нас познат како „жилет“.

1942.- Во Скопје, во Обласната полициска управа, бугарските фашисти го убија Цветан Димов, народен херој на Македонија. Роден е во Скопје, на 5 март 1909 година.

1943.- Кај селото Врбница, во близина на Фоча, во Босна, четниците го стрелаа Иван Горан Ковачиќ, хрватски поет, есеист, новинар, политичар, преведувач и борец во НОВ. Автор е на поемата “Јама”. Роден е во Луковдол, Горски Котор, на 21 март 1913 година.

1944.- Кај селото Татар Елевци, во близина на Дебар, во борба против Германците и балистите загина Панче Поповски, народен херој на Југославија, од Македонија. Роден е во Гостивар, на 9 март 1924 година.

1960.- Советскиот лидер Никита Хрушчов ги предупреди САД да не интервенираат против Куба, бидејќи во тој случај советските сили ќе го поддржат кубанскиот народ.

1992.- Во Скопје, умре Ханс Ем, најстариот член на МАНУ. Учесник е во НОВ на македонскиот народ од 1941 година. Роден е во Марибор, на 6 јуни 1898 година.

1993.- Британските научници ги идентификуваа коските на рускиот цар Николај Втори и членовите на неговото семејство, кои болшевиците по надредба на Ленин во 1918 година ги убија и искапасија во Екатеринбург.

1997.- Специјалната полиција на Република Македонија изведе акција со која од собранијата на Гостивар и на Тетово беа симнати знамињата на Албанија и на Турција…

1997.- Националната валута – денарот девалвира за 16,1 отсто.

2006.- Најмалку 127 луѓе загинаа во несреќата на авион на руската компанија „Сибир“ кој леташе од Москва во сибирскиот град Иркутск. Несреќата на авионот од типот ербас А-310 ја преживеаја 72 патника. Несреќата се случи при слетувањето на аеродромот во Иркутск, 5.200 километри источно од Москва кога авионот силно удри во пистата и во зградата пред аеродромот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот