Ена Беговиќ / Фото: Скриншот/Јутјуб/Хрватска радио-телевизија

Во мајчинството уживаше само 45 дена, па трагично загина на 40 години — животната приказна на прекрасната Ена Беговиќ

На денешен ден, на 8 јули 1960 година, е родена Ена Беговиќ – една од најзначајните хрватски театарски и филмски актерки, која остави силен печат во југословенската и хрватската кинематографија. Иако сонувала успешна филмска кариера, токму театарот ѝ ги донесе најголемите признанија.

Нејзиниот живот трагично заврши на 15 август 2000 година, кога загина во сообраќајна несреќа на островот Брач, на само 40-годишна возраст.

Уште од детството го сакала театарот

Ена Беговиќ е родена во Трпањ, на полуостровот Пељешац, а основното образование го завршила со одличен успех. Средното училиште го посетувала во Дубровник, каде што живеела во ученички дом и уште тогаш покажала голем интерес за уметноста, особено за рецитирањето и театарот. Била член на студентскиот театар „Леро“.

По матурирањето се преселила во Загреб и првично се запишала на Правниот факултет. Иако долго време тврдела дека не сака да биде актерка, режисерот Љубиша Ристиќ и актерот Раде Шербеџија ја убедиле да се запише на Академијата за драмски уметности. Дипломирала во 1983 година, по што станала член на ансамблот на Хрватскиот народен театар во Загреб, на чија сцена останала цели 16 години.

Ена Беговиќ / Фото: Скриншот/Јутјуб/Хрватска радио-телевизија

Ги одбила понудите од Холивуд

Кариерата ја започнала уште како матурантка со појавувањето во филмот „Окупација во 26 слики“ на Лордан Зафрановиќ. Вистинската афирмација ја стекнала со филмот „Падот на Италија“, а потоа следувале улоги во „Глембаеви“, „Балкан експрес 2“, „Чаруга“, „Трета жена“, „Агонија“ и „Четвороред“.

Иако важела за една од најубавите актерки во поранешна Југославија и добивала понуди за меѓународна кариера, одлучила да му остане верна на театарот. Во текот на кариерата одиграла повеќе од 50 театарски, 16 филмски и речиси 30 телевизиски улоги.

Една од најзначајните улоги беше бароницата Кастели во „Глембаеви“. Во 1988 година ја одби „Златната арена“ за споредна женска улога, бидејќи сметала дека станува збор за главна улога. Девет години подоцна повторно беше наградена со „Златна арена“, овојпат за филмот „Трета жена“.

Ена Беговиќ / Фото: Скриншот/Јутјуб/Хрватска радио-телевизија

Во мајчинството уживаше само 45 дена

Во јуни 2000 година се омажи за претприемачот Јосип „Дикан“ Раделјак, а на 1 јули ја добија ќерката Лана.

Само 45 дена подоцна, на 15 август, за време на семеен престој на островот Брач, Ена Беговиќ трагично загина во сообраќајна несреќа. Нејзината смрт ја потресе јавноста во целиот регион и претставуваше крај на една исклучително успешна актерска кариера.

И денес, 26 години по нејзината смрт, Ена Беговиќ останува запаметена како актерка со исклучителен талент и неверојатна харизма.

„Кој знае што ни носи животот?“: Во последното интервју пред фаталната сообраќајка, Ена Беговиќ признала дека најмногу се плаши од возење со автомобил

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот