ФОТО+ВИДЕО | 250.000 луѓе на еден од најголемите концерти во Европа — италијанскиот пејач Ултимо го освои Рим
Италијанскиот пејач Ултимо на 4 јули одржа спектакуларен концерт во Рим пред околу 250.000 посетители, што се смета за еден од најголемите солистички концерти некогаш организирани во Европа.
Препорачано
Настанот, насловен „La Favola Per Sempre“ (во превод: „Бајка засекогаш“), се одржа на кампусот на Универзитетот „Тор Вергата“, кој за таа пригода беше претворен во огромен концертен простор.

Ултимо пристигнал на концертот со хеликоптер, прелетувајќи над публиката пред да слета во близина на сцената. Потоа се појавил од под сцената и го отворил концертот со песната „Pianeti“, додека на големите екрани била испишана пораката: „Блажени се последните, зашто тие ќе бидат први“.
Импресивна била и сценската продукција. Главната сцена била широка 140 метри и висока 60 метри, а со публиката ја поврзувала писта во форма на знак за бесконечност, долга 30 метри.

За организацијата на концертот биле ангажирани повеќе од 10.000 работници, а биле искористени над 500 камиони за транспорт на сценската опрема. За безбедноста се грижеле повеќе од 2.500 лица, додека на терен имало 500 медицински работници, 10 пунктови за прва помош и 20 амбулантни возила.
На посетителите им биле обезбедени повеќе од 2.000 мобилни тоалети, 560 бесплатни пунктови за вода, 46 продажни места во арената, 48 камиони со храна и пијалаци, како и повеќе од 170 подвижни продавачи.

Во продукцијата биле поставени повеќе од 40 километри заштитни огради, 120 километри електрични кабли и 38 аудио-видео кули. Концертот бил реализиран во соработка меѓу промоторската компанија „Виво Кончерти“, Универзитетот „Тор Вергата“ и Град Рим.
Ултимо, кој е роден во 1996 година, денес важи за еден од најуспешните италијански изведувачи. Досега одржал 42 стадионски концерти, продал повеќе од два милиони билети во кариерата, настапувал на римскиот „Чирко Масимо“, а десетпати по ред го распродал и Олимпискиот стадион во Рим. Концертот пред 250.000 луѓе претставува уште едно рекордно достигнување во неговата кариера.
ФОТО | Дамијано Давид од „Манескин“ ја запроси Дов Камерон: „Најубавиот дел од мојот живот“


