Силвија Стојановска / Фото: Принтскрин / Фејсбук

ФОТО | Љубов која не згасна — Силвија Стојановска сподели емотивен спомен на покојниот сопруг Ненад

Актерка Силвија Стојановска се потсети на својот покоен сопруг, легендарниот актер Ненад Стојановски.

Таа на својот фејсбук-профил ја промени насловната фотографија и сподели ретка фотографија со својот покоен сопруг.

На фотографијата, направена пред повеќе години, двајцата се насмеани и видно расположени на прослава. Без дополнителен опис, актерката избра токму оваа фотографија да ја постави како своја насловна, потсетувајќи на заедничките мигови со човекот кој остави неизбришлива трага во македонското глумиште.

Фото: Принтскрин / Фејсбук

Ненад Стојановски е роден на 19 август 1952 година во Скопје. Со актерството започнал уште како дете, како член на Детската радио-драма и аматерските драмски групи „Кактус“ и „Кај Св. Никита Голтарот“. По дипломирањето на Вишата музичка школа, на Одделот за драмски актери во Скопје, во 1976 година станал член на Драмскиот театар – Скопје, каде останал до крајот на својот живот.

Во текот на својата богата кариера одигра десетици театарски, филмски и телевизиски улоги, а публиката и денес го памети по остварувањата во „Диво месо“, „Среќна Нова ’49“, „Тетовирани души“, „Лет во место“, „Трст виа Скопје“, како и по култната детска серија „Бушава азбука“. Неговиот талент му донесе бројни признанија, меѓу кои наградата „11 Октомври“, две Стериини награди и признанија од фестивалот „Војдан Чернодрински“.

Стојановски беше едно од најголемите имиња на македонската театарска сцена. Од 1976 година па сѐ до неговата смрт беше член на Драмскиот театар – Скопје, каде оствари десетици впечатливи улоги. Меѓу неговите најзначајни театарски остварувања се улогите во претставите „Диво месо“, „Лет во место“, „Тетовирани души“, „Хај-фај“, „Дупло дно“, „Смртта на Дантон“, „Сили во воздухот“ и „Кула Вавилонска“, а особено остана запаметен и по култната претстава „Грев или шприцер“, која со години беше една од најгледаните во Македонија.

Со Силвија Стојановска ги имаат ќерките Ана и Јана Стојановски, кои денес успешно ја продолжуваат семејната актерска традиција.

Ненад Стојановски ненадејно почина на 14 јули 1998 година, на само 45-годишна возраст. Неговото заминување беше огромна загуба за македонската култура, а и речиси три децении подоцна тој останува еден од најценетите и најсаканите македонски актери.

„Мојот татко Ненад е како некој суперхерој од некој филм од некое друго време… не сум ни сигурна дали постоел, од што беше посебен. Ден-денес луѓето зборуваат со жар за него и не сум сретнала никој друг да зборува за кого било како што луѓето зборуваат со воодушевување за него и со таква леснотија го фалат, и мажи и жени. Уште не ми е јасно зошто таа лекција така… се надевам ќе ми стане јасно еден ден. Тоа што силно чувствувам како минува времето е колку сум негова, генетски, пред сè. Јас од него наследив да можам да го пренесам тој талентиран ген на следните генерации“, рече Јана Стојановска во едно интервју за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот