Инфлуенсер илустрација / Фото: Antonio Guillen Fernández / Panthermedia / Profimedia

Нема веќе подароци за грчките инфлуенсери — ќе мора јавно да ги споделуваат спонзорствата

За многу инфлуенсери низ целиот свет, бесплатните работи отсекогаш биле дел од работата. Хотел со надомест, најнов телефон, кутија козметика што пристигнува без фактура. Сепак, грчките даночни власти сега одлучија дека ништо од тоа не е така бесплатно како што изгледало.

Секој производ, услуга или патување добиено во замена за промоција ќе мора да се декларира како оданочив приход, пишуваат грчките медиуми.

Независниот орган за јавни приходи (ААДЕ) создаде наменски ревизорски тимови за следење на инфлуенсерите низ платформите на социјалните медиуми. Ревизорите ги испитуваат објавите, хаштаговите, ознаките на брендовите, кодовите за попуст и фреквенцијата на соработка за да откријат непријавени приходи.

Според неодамнешната даночна одлука (1966/2026), сè што има економска вредност – хотелски престој, паметни телефони, козметика, облека или спонзорирани патувања – дадено во замена за публицитет се смета за плаќање во натура и мора да се фактурира и оданочи.

Ова вклучува приходи од спонзорирани објави, маркетинг, Јутјуб, Тикток и други платформи.

Грчкиот даночен закон бара од професионалните инфлуенсери да се регистрираат во даночната канцеларија, обично како самостојни претприемачи или преку ИКЕ (приватно друштво со еден член).

Тие мора: да издаваат фактури за секое примено плаќање или подарок, да пријавуваат приход преку платформата myDATA, да наплаќаат ДДВ каде што е применливол, да плаќаат придонеси за социјално осигурување.

Непријавувањето приход може да доведе до заостанати даноци, дополнителни трошоци и значителни казни. Независниот орган за јавни приходи сигнализираше силна борба против даночната евазија во дигиталната економија.

Оваа иницијатива следи по неодамнешната кампања насочена кон инфлуенсерите кои промовираат нелегално коцкање.

На почетокот на годината, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во Македонија (АВМУ) упати јавен повик до инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржини, јутјуберите и другите креатори на онлајн содржини, што нудат аудиовизуелни медиумски услуги да извршат регистрација во Агенцијата.

АВМУ наведе дека со измените на медиумската легислатива во јули 2023 година за првпат официјално било препознаено постоењето и влијанието на инфлуенсерите и другите креатори на содржина како физички лица – даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање.

Во Правилникот на Агенцијата со кој се уредува формата и содржината на пријавата за евидентирање, се наведува дека критериумите се применуваат кумулативно, односно мора да бидат исполнети сите. Дополнително, „економската услуга“ се толкува широко и може да опфати не само директни исплати, туку и приходи од реклами, спонзорства, пласирање производи, провизии од платформа, како и добивки во натура, на пример бесплатни производи или услуги во замена за споменување во видео.

Во насоките се посочува и дека фокусот моментално е ставен на Јутјуб, Инстаграм и Тикток, но не е исклучено регулирањето да се однесува и на други платформи.

Здружението на инфлуенсери бара да се повлече Правилникот на АВМУ и предлага „европски“ Кодекс

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот