Здружението на инфлуенсери бара да се повлече Правилникот на АВМУ и предлага „европски“ Кодекс
Здружението на инфлуенсери и креатори на дигитални содржини ја информира јавноста дека во целост ги отфрла Правилникот и Водичот донесени од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), оценувајќи дека тие се надвор од законските рамки и не се усогласени со реалноста на дигиталниот простор.
Препорачано
Според ставот на инфлуенсерите, предложените акти не нудат системско решение за транспарентноста и одговорноста во интернет комуникацијата, туку, како што велат, отвораат простор за правна несигурност, различни толкувања и дополнителен хаос во онлајн сферата.
„Наместо да придонесат кон уредување на областа, тие создаваат ризик од селективна примена и ограничување на креативната слобода, без јасна законска основа и без претходна широка консултација со засегнатите страни“, посочуваат од Здружението.
Здружението тврди дека инфлуенсерите не бегаат од одговорност, редовно плаќаат данок во Македонија, наспроти, како што велат „сите невистини кои се ширеа во медиумите во изминатиот период“, но и дека ја поддржуваат потребата од транспарентност, јасно означување на комерцијалните содржини и почитување на етичките стандарди.
Сепак, тие сметаат дека ваквите прашања мора да се уредуваат преку инклузивен процес и решенија што ќе бидат во согласност со законите и европските практики, а не преку акти што излегуваат надвор од утврдените надлежности.
„Согласно изработената европска анализа за тоа како оваа проблематика е решена во земјите членки на Европската Унија, Здружението достави предлог до министерот за дигитална трансформација, со кое се предлага донесување Кодекс кој ќе се темели на принципите на саморегулација и ко-регулација. Во најголем дел од државите членки, прашањето на инфлуенсер маркетингот се регулира преку јасни насоки за означување на спонзорирана содржина, едукација и соработка меѓу индустријата и институциите, а не преку рестриктивни и еднострано наметнати подзаконски акти“, соопштува Здружението.
Предложениот Кодекс, велат отттаму, има за цел да воспостави јасни, применливи и пропорционални правила што ќе обезбедат заштита на јавниот интерес, особено на потрошувачите и малолетниците, а истовремено ќе ја почитуваат слободата на изразување и спецификите на дигиталната економија.
Овој пристап, според Здружението, претставува единствен одржлив и европски усогласен модел за уредување на интернет просторот.
„Здружението на инфлуенсери и креатори на содржини ги повикува институциите да го повлечат спорниот Правилник и Водич и да отпочнат отворен и транспарентен дијалог со сите релевантни чинители, со цел изнаоѓање решение кое ќе донесе правна сигурност, јасни правила и стабилна рамка за развој на дигиталната комуникација во Македонија“, се вели во соопштението на Здружението.
Инаку, периодов жестока дебата во јавноста предизвикаа новите правила што Агенцијата за медиуми ги воведува за инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржини, јутјуберите, односно физичките лица кои се даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање.
Некои од креаторите на содржини реагираа дека со обврската за регистрација и плаќање надомест од 0,5 отсто, се загрозува слободата на говор и дека нивната работа неоправдано се изедначува со класичните медиуми. Некои од нив сметаа дека државата не треба да им наплаќа за нешто што го искреирале самите, без државна поддршка.
Голем број од македонските инфлуенсери не го поддржуваат новиот правилник на АВМУ
Од друга страна, од Агенцијата посочија дека се работи за регулација на инфлуенсерите, правна рамка што носи поголема сигурност, а не цензура. Во регулацијата влегуваат оние што имаат 10.000 следбеници или претплатници, што остваруваат економски интерес од медиумската услуга и во последните 12 месеци да објавиле најмалку 24 аудиовизуелни содржини. Воедно, истите треба да имаа цел да да информираат, образуваат, забавуваат и за содржините имаат уредничка одговорност.
Овие што ги исполнуваат критериумите, како што беше речено, треба да се регистрираат во Агенцијата.
АВМУ ги повика инфлуенсерите и јутјуберите да се регистрираат, еве кои се критериумите
Ако се гледа пошироката слика – храна, козметика, облека, разни скриени или нескриени реклами, сомнителни производи, но и голем број дезинформации и говор на омраза што доаѓаа од некои проблематични инфлуенсери ги натераа европските земји да ги регулираат највлијателните луѓе на социјалните мрежи, пред сѐ поради неможноста да се „филтрира“ она што стигнува до младите.
Оттука, во Македонија таков процес почна и АВМУ, во време кога инфлуенсерството зема замав и потребно е да се разграничи што е исправно да се пласира во интернет просторот, без притоа да се наруши медиумскиот плурализам.
Земјите од Европа, пред сѐ од ЕУ, години наназад работат на регулација на инфлуенсерите. Во создавањето на регулативите на Унијата има неколку главни страни: Европската комисија и Парламентот со нивните директиви за дигитални услуги и заштита на податоци, но и Европската алијанса за стандарди за рекламирање (ЕАСА).
Регулацијата се наметна откако инфлуенсерите со својот неформален јазик станаа популарни кај младите. Некои имаат повеќе следачи дури и од професионалните медиуми. Тоа донесе и добра, и лоша страна. Добрата е брзиот проток на вести, подигнување на важни теми и активизам, а лошата е брзоплетоста на дел од инфлуенсерите при објавување непроверени информации и нудење сомнителни производи.
Затоа пример во Холандија има казни до 225.000 евра доколку инфлуенсерите со над 500.000 следбеници (Холандија има 17,5 милиони население) не се придржуваат до Кодексот на рекламирање и јасно не наведат дека содржината е спонзорирана. Казните во Франција од 2023 година се до 300.000 евра, па дури може и затворска казна, доколку не нагласат спонзорирана содржина. И во Германија мора да се означи спозорството, дури и кога нема парична трансакција меѓу брендот и инфлуенсерот.
Воедно, во европски земји постојат и кодекси, кои, освен што повикуваат на задолжително означување, инфлуенсерите треба да ги почитуваат законите за производи како алкохол, тутун и коцкање.


