Миа Костова, Стефан Лазаров и Софија Јанева / Фото: Инстаграм

Голем број од македонските инфлуенсери не го поддржуваат новиот правилник на АВМУ

Објавата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) со која инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржина и јутјуберите се повикуваат да се регистрираат во Регистарот на даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање, предизвика бурни реакции на социјалните мрежи.

Дел од најпознатите домашни креатори на содржина јавно изразија незадоволство, оценувајќи дека правилникот не ја зема предвид природата на интернет-просторот и дека отвора прашања за слободата на изразување, административните обврски и дополнителните давачки.

Инфлуенсерката Миа Костова, со објава на социјалната мрежа Фејсбук, посочи дека личните профили не можат автоматски да се изедначуваат со класични медиуми.

„Она што сакаат да го спроведат е да бидеме на ниво на медиуми, односно за секое едно објавување да потенцираме или да пишуваме дали е реклама или не е (како тоа не е очигледно).

Прво, немаме точно определена програма па да имаме ЕПП во 20.00, второ немаме платени рекламирања како на телевизија. Таму одат сите оператори, сите политички партии, сите кекси и сите трговски центри.

Напротив, имаме обврзувачки договори со големи компани, со кои не може да работиме реклами за конкуренција – што на телевизија и радио не се случува“, напиша Костова.

Фото: Скриншот/Фејсбук

Инфлуенсерката Софија Јанева во серија објави реагираше дека мерката не ја доживува како регулација, туку како контрола.

„Ова што се најавува не е ‘регулација’, ова е класична цензура и директно попречување на слободата на говор. Инстаграм не е телевизија и интернет просторот не функционира по истите правила. Да се обидеш да го ставиш под иста капа е или незнаење и свесна контрола“, напиша Јанева.

Таа го проблематизира и финансискиот дел, наведувајќи дека е апсурдно инфлуенсерите сами да го финансираат надзорот.

„Апсурдно е што државата прво признава дека нема капацитет, па затоа воведува обврска инфлуенсерите самите да си го финансираат надзорот. Значи не само што мора да се регистрираме, да доставуваме извештаи, туку и да плаќаме 0,5 отсто од годишниот приход за некој да нѐ ‘надгледува’. Ако државата нема пари да го спроведува сопствениот систем, тогаш проблемот не е кај креаторите, туку кај системот.“, напиша инфлуенсерката, која има 34 илјади следбеници на Инстаграм.

Фото: Скриншот/Инстаграм

Реакција објави и јутјуберот и инфлуенсер Стефан Лазаров, кој постави повеќе прашања за дополнителните давачки и критериумите по кои физички лица би се сметале за медиуми.

„Плаќаме данок од 10 отсто на државата, плаќаме доколку сме ДДВ-обврзници 18 отсто на државата. Платформата Јутјуб наплаќа 40 отсто од приходите плус данок, додека ТикТок и Инстаграм не нудат можност за директна заработка. АВМУ одлучува дека сме медиум и притоа сака да наплати 0,5 отсто, а ние немаме никаков бенефит од нив. Значи, ние работиме на социјални мрежи кои не се ни македонски. Зошто тогаш да плаќаме 0,5 отсто и дали сме сигурни дека ќе остане на толку? Зошто кога веќе плаќаме за сè друго? Дали сме и ние граѓани на оваа држава?

Како одлучивте дека физичките лица кои имаат свој профил се медиум? Зошто ми се крати правото на слободно објавување? Што ако сакам да изрекламирам од ќеф? Како ќе ги поддржиме малите бизниси кога е потребно, а за тоа не сме наплатиле? Зошто кога веќе плаќаме за сите давачки, дополнително да плаќаме, а притоа да бидеме ускратени во слободата на промовирање? Самите мрежи веќе имаат свои алатки за означување платени соработки, соработки и означување. Зошто живеам во држава во која е најбитно да се земе нешто туѓо кое е направено со труд и чесност?“, напиша Лазаров.

Фото: Скриншот/Инстаграм

Во меѓувреме, од АВМУ во соопштението објавено на 16 јануари 2026 година наведуваат дека со измените на медиумската легислатива во јули 2023 година за првпат официјално било препознаено постоењето и влијанието на инфлуенсерите и другите креатори на содржина како физички лица – даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање.

Агенцијата потсетува дека регистрацијата е законска обврска, но важи само за оние што ги исполнуваат пропишаните критериуми: да објавуваат преку платформи за споделување видеа, да имаат над 10.000 следбеници или претплатници, да остваруваат економски интерес, во последните 12 месеци да имаат најмалку 24 аудиовизуелни содржини и да имаат уредничка одговорност со цел информирање, едукација или забава.

Во самиот правилник се наведува дека критериумите се применуваат кумулативно, односно мора да бидат исполнети сите. Дополнително, „економската услуга“ се толкува широко и може да опфати не само директни исплати, туку и приходи од реклами, спонзорства, пласирање производи, провизии од платформа, како и добивки во натура, на пример бесплатни производи или услуги во замена за споменување во видео. Во насоките се посочува и дека фокусот моментално е ставен на Јутјуб, Инстаграм и ТикТок, но не е исклучено регулирањето да се однесува и на други платформи.

Агенцијата ги повикува сите креатори кои ги исполнуваат критериумите да достават пријава за евидентирање, а документите и образците се достапни на веб-страницата на АВМУ.

Податоците од официјалниот регистар покажуваат дека заклучно со 9 јануари 2026 година во него се евидентирани само седум инфлуенсери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот