ВИДЕО | Кој прв стигне, негово? Турист во Црна Гора отиде чекор подалеку, место на плажа си „резервирал“ со тепих
Борбата за најдобро место на црногорските плажи доби необичен пресврт откако еден турист во Пржно, Црна Гора се обидел однапред да си обезбеди простор на песокот, но не со пешкир или лежалка, туку со тепих, пренесува „Б92“.
Препорачано
Во текот на летната сезона во Црна Гора често се отвора прашањето околу оставањето пешкири, простирки и други предмети на плажите со цел некој да си „зачува“ место. Додека дел од капачите го сметаат тоа за вообичаен начин да си обезбедат простор, други велат дека таквата практика е неправедна кон луѓето кои доаѓаат на плажа во моментот и не можат да најдат слободно место.
Овојпат вниманието го привлече случај од Пржно, каде што еден турист отишол чекор подалеку. Наместо класичен пешкир или плажна простирка, тој оставил тепих на песокот, со што, според објавите, се обидел да го „резервира“ местото.
View this post on Instagram
„Со тепих ‘резервирано’ место на плажа во Пржно. Еден читател ни испрати видео од Пржно, каде некој со тепих си го ‘зачувал’ местото на плажата“, објавил профилот „Подгорички времеплов“ на Инстаграм.
Необичната глетка предизвикала бројни реакции на социјалните мрежи. Многумина се пошегувале на сметка на ситуацијата, споредувајќи ја со приказната за Аладин.
„Аладин се паркирал“, напишал еден корисник.
Други повторно ја отвориле дебатата за тоа како треба да се реши проблемот со оставање предмети без надзор на плажите. Дел од коментаторите сметаат дека надлежните треба да ги отстрануваат предметите со кои се зафаќа простор, за сите посетители да имаат еднакви услови.
„Сите реквизити треба да се соберат и да се фрлат во канта за отпадоци“, напишала една корисничка.
Сепак, имаше и такви кои на целата ситуација гледале со хумор, коментирајќи дека покрај тепихот недостасува уште само мебел за „резервацијата“ да биде целосна.
На 40 степени без сенка — контроверзна забрана за чадори на плажа во Италија


