Родители, не ги довршувајте речениците на детето — експертите предупредуваат, тоа е контрапродуктивно
Силната желба да му се помогне на детето во секоја, па дури и во најмалата тешкотија е длабоко всадена кај многу родители. Некои го прават тоа свесно и од љубов, а многумина не се ни свесни за тоа.
Препорачано
Сличен нагон се јавува и кога ќе видат дека детето се мачи да го најде вистинскиот збор, па често му ја довршуваат реченицата. Иако родителите мислат дека на тој начин му помагаат, експертите предупредуваат дека таквото однесување може да биде штетно за развојот на говорот, бидејќи повременото запнување и пелтечење во говорот е сосема нормален дел од детскиот развој.
Зошто довршувањето на речениците е штетно за детето?
Родителите често мислат дека со довршувањето на речениците му помагаат на детето полесно да се изрази. Меѓутоа, важно е да се знае дека со тоа на детето му се „одзема“ клучната можност да учи и да функционира самостојно. На децата им е потребно време за да ги организираат мислите и да ги најдат соодветните зборови со кои ќе ги изразат своите чувства.
Постојаното упаѓање во збор со текот на времето го нарушува детското самодоверба и поттикнува несигурност во говорот. Кога родителот ги пополнува празнините, му ја одзема можноста на детето самостојно да ги преточи своите мисли во зборови.

Важноста на слушањето
Еден од најмоќните и наједноставните начини, доколку сакате да го поддржите детето, е внимателно да го слушате, со тоа ќе им дадете до знаење дека се важни. Децата имаат потреба да се чувствуваат ценети, прифатени и сослушани. Кога детето споделува нешто со вас, дури и ако станува збор за ситница, вашето целосно внимание може значително да ја зајакне неговата самодоверба.
Наместо да го поправате или брзо да нудите решенија, дајте му простор да се изрази. Не се работи за тоа дека мора да се согласите со сè што ќе каже, туку да ги признаете неговите чувства и искуства.
Трпението е клучот на родителството
Родителството е исполнето со безброј обврски, но трпението е доблест која треба да се негува од најрана возраст. Трпеливиот родител создава безбедна средина за детето, што е особено важно во моментите кога тоа има проблем да се искаже.
Истото важи и за ситуациите во кои детето се обидува да состави реченица и да се изрази. Кога ќе наиде на трпелив одговор, детето ќе биде поспремно повторно да се обиде и поотворено ќе ги споделува своите чувства.

Што да направите кога детето се мачи со зборовите?
Застанете заедно со него:
Кога ќе забележите дека детето застанало на средина на реченицата, не упаѓајте веднаш. Дајте му неколку дополнителни секунди за да ги собере мислите и да ги најде вистинските зборови.
Охрабрете го со зборови:
Наместо да ја довршите реченицата место него, понудете му поддршка. Едно нежно „Само полека“ или „Те слушам“ испраќа порака дека ве интересира тоа што сака да го каже, без оглед на тоа што во моментот му оди тешко.
Фокусирајте се на пораката, а не на граматиката:
Децата нема секогаш да ги користат совршените зборови или правилно да ги склопуваат речениците. Наместо да ги прекинувате за да ги поправите, насочете се на разбирање на поентата. Можете да го поправите подоцна, на нежен начин.
Поставувајте прашања од отворен тип:
Наместо да погодувате што сака да каже, поставете прашање што ќе му помогне да продолжи. На пример: „Можеш ли тоа малку подобро да ми го објасниш?“ или „Како се почувствува поради тоа?“.
Децата комуницираат многу полесно кога не се под притисок. Опуштените, секојдневни разговори им помагаат да се чувствуваат попријатно додека ги изразуваат своите ставови и мислења. Понекогаш, најдобриот начин да му помогнете на детето е едноставно да му дадете доволно простор и време да го направи тоа самото.
Родители, прашавме психолог: Како да не „прегорите“ додека децата се дома на летен распуст?


