Родители, прашавме психолог: Како да не „прегорите“ додека децата се дома на летен распуст?

Летниот распуст за децата е синоним за слобода, игра и бескрајна забава, но за многу родители овој период се претвора во вистински тест за издржливост. Наместо одмор, летото често носи зголемен психолошки притисок, дополнителен стрес и вечното прашање: како да се усогласат работните обврски, домашните задачи и хиперактивните потреби на децата во текот на целиот ден?

За тоа како да се преживее овој период без да се изгуби трпението, за „Слободен печат“ објаснува м-р Ајше Исљам, психолог и гешталт психотерапевт на тренинг, волонтер во Центарот за ментално здравје при Црвениот крст на Македонија.

Летен распуст – Фото: Pexels

Таа советува дека клучот не е во строгите правила, туку во паметното менаџирање на времето:

„Корисно е да се воспостави флексибилна дневна структура со неколку предвидливи ритуали кои на децата им даваат чувство на сигурност, но и доволно простор за спонтана игра и истражување.

Исто така, важно е децата да бидат вклучени во секојдневните домашни активности соодветно на нивната возраст. На тој начин развиваат чувство на одговорност, компетентност и припадност во семејството.

Наместо фокус на совршенство, летниот распуст може да се доживее како можност за поголема блискост, заеднички искуства и создавање спомени кои остануваат вечно во сеќавањето“, истакнува Исљам.

Летен распуст – Фото: Pexels

Грижата за себе не е луксуз, туку потреба

Најчестата грешка што ја прават родителите во текот на летото е што целосно се ставаат во служба на децата, со што брзо доаѓа до таканаречениот родителски „burnout“ (прегорување). Во желбата да бидат совршени и да ги анимираат децата 24/7, тие забораваат на сопственото ментално здравје

Психологот Исљам апелира дека родителите мора да постават граници за да ја задржат својата емоционална стабилност:

„Особено е важно родителите да останат во контакт со сопствените потреби, емоции и граници. Често, во желбата да бидат добри родители, тие забораваат на себе и се исцрпуваат обидувајќи се да одговорат на сите барања. Грижата за себе не е луксуз, туку предуслов за квалитетна грижа за детето. Дури и кратки моменти за одмор, прошетка, разговор со пријател или активност која носи задоволство и исполнетост можат значително да придонесат за психо-емоционална стабилност“, додава во изјавата за „Слободен печат“.

На крајот, пораката е јасна, совршени родители не постојат, ниту пак на децата им се потребни такви. За успешно лето и среќно семејство, најважно е родителот да биде смирен, присутен и емоционално достапен, бидејќи само така се градат здрави односи и убави спомени кои ќе траат долго откако летниот распуст ќе заврши.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот