Џина Папас Џокси - Начинот на кој простуваме, се извинуваме или паметиме многу говори за нашиот карактер/Фото: Приватна архива

ИНТЕРВЈУ | „Човекот зад името“ — Џина Папас Џокси: Му благодарам на животот што ме оставил човечен

Рубриката „Човекот зад името“ започнува таму каде што завршува јавната слика. Честопати мислиме дека ги познаваме успешните личности, но најчесто ги познаваме само нивните улоги. Денес, зад името го откриваме – не музичарот – туку човекот Ѓорѓе Васиќ, кого публиката го знае како Џина Папас Џокси.

Рубриката „Човекот зад името“ започнува таму каде што завршува јавната слика. Честопати мислиме дека ги познаваме успешните личности, но најчесто ги познаваме само нивните улоги. Денес, зад името го откриваме – не музичарот – туку човекот Ѓорѓе Васиќ, кого публиката го знае како Џина Папас Џокси.

Што е она што најмногу му го должите на детето што некогаш бевте, а што и денес, и покрај сите животни искуства, успеало да остане дете во Вас, односно да го разбуди детското во Вас?

– Она што најмногу му го должам на детето што некогаш бев е љубопитноста и способноста да се восхитувам. И денес, по сите животни искуства, во мене сè уште постои желбата да откривам нови светови, луѓе и приказни. Детето во мене ме потсетува да сонувам и кога разумот ми вели да бидам претпазлив, да верувам во убавината и да се радувам на малите нешта што често ги земаме „здраво за готово“. Можеби годините нè учат како да бидеме помудри, но детето во нас нè потсетува зошто воопшто вреди да растеме.

Џина Папас Џокси/Фото: Приватна архива

Колку верата е Ваш соговорник во тешките моменти? Дали е засолниште, молитва, надеж или начин да се остане човек во едно анксиозно време?

– Во тешките моменти верата за мене е пред сè разговор – тивок разговор со себе, со совеста и со нешто поголемо од нас самите. Не секогаш како одговор, туку почесто како сила да се издржи додека одговорот сè уште не е видлив. Таа е и надеж, и потсетник дека ниту една темнина не е вечна. Во време кога луѓето се сè поанксиозни, а светот сè побучен, верата ми помага да ја зачувам внатрешната тишина и да не ја изгубам довербата во добрината, во луѓето и во смислата.

Верувам дека вистинската вера не нè оддалечува од луѓето, туку нè прави подобри кон нив. Ако успее да нè сочува човечни и во најтешките мигови, тогаш веќе ја исполнила својата најважна улога.

Кој човек најмногу Ве обликуваше како личност без никогаш свесно да Ве учи како се живее?

– Ако треба да издвојам еден човек, тогаш тоа без двоумење е мајка ми, Евгенија. Од неа ги добив оние наједноставни, а најважни животни принципи: да не лажеш, да не крадеш, да не навредуваш и да го почитуваш човекот до себе. Тоа не беа лекции што се предаваа, туку вредности што се живееја секој ден.
Но, искрено, не верувам дека некого го обликува само еден човек. По родителите доаѓаат семејството, другарите и пријателите, а особено наставниците и професорите. Денес, кога ќе се навратам наназад, сфаќам колку траги оставиле луѓе како мојата учителка Радмила Николиќ, класните раководители Венцислав Младеновски и Марија Мирчевска, наставникот по физичко Миле – Чатал, наставничката по музичко Даница, професорката по македонски Славка Арсова и многу други. Секој од нив оставил по нешто во мене – знаење, дисциплина, љубопитност, самодоверба или едноставно човечност. Затоа, денес не можам да кажам дека сум производ на еден учител или еден авторитет. Јас сум збир од сите тие луѓе што во различни периоди од животот ме научиле нешто важно, често без воопшто да бидат свесни за тоа.

Што од Вашето минато денес Ви изгледа како да му припаѓа на некој сосема друг човек, а не Вам?

– Не би рекол дека нешто од моето минато му припаѓа на некој друг човек. Тоа сум бил јас, само во некоја друга животна фаза, со поинакви знаења, искуства и погледи на светот. Секако, денес некои мои одлуки, размислувања или реакции ми изгледаат далечни и понекогаш се прашувам дали би постапил исто. Но, не чувствувам потреба да се дистанцирам од нив. И тие грешки, заблуди, успеси и занеси биле дел од патот што ме довел до човекот што сум денес.

Верувам дека созревањето не значи да го оттурнеме минатото од себе, туку да го разбереме и прифатиме. Затоа не гледам на поранешниот себеси како на некој друг, туку како на човек кој постепено станувал тоа што е денес.

Џина Папас Џокси/Фото: Приватна архива

Со годините, станавте ли помек кон туѓите слабости и грешки, или има работи што денес потешко ги разбирате од некогаш?

– Не знам дали со годините станав помек, но сигурно станав поискусен во разбирањето на луѓето. Отсекогаш сум бил конкретен и јасен, особено кога станува збор за работа. Тоа важи и за професиите што сум ги работел надвор од музиката – градежништвото, новинарството и работата во протокол.

Туѓите слабости и грешки никогаш не сум сакал јавно да ги коментирам. Ако веќе треба да укажам на нешто, повеќе сакам тоа да го направам со доза хумор отколку со острина. Хуморот често кажува повеќе од критиката. А што се однесува до разбирањето на работите, не верувам дека постои нешто што не може да се разбере. Прашањето е колку сме подготвени да учиме и колку ни „збира црпката“. Мене, за среќа, сè уште добро ми собира.

Дали радоста за Вас е состојба на умот, нешто што едноставно Ви се случува, или е свесен избор што го правите секој ден, дури и тогаш кога денот не нуди многу причини за неа?

– За мене радоста е пред сè состојба на умот. Јас сум од оние луѓе што најчесто стануваат со насмевка на лицето, без разлика дали надвор врне дожд, паѓа снег или дува ветер. Секој ден носи свои обврски и предизвици, а на нас останува како ќе ги подредиме и како ќе им пристапиме.

Секако, има денови кога не сум расположен. Тоа е сосема човечки. Но, често ми се случува токму тогаш да сретнам некого што сака да размени збор-два, да сподели пофалба или критика за некоја моја песна. Во такви моменти го собирам и последниот атом насмевка за да не дозволам моето расположение да се пренесе на другиот.

Затоа мислам дека радоста не е само нешто што ни се случува. Таа е и избор – избор да останеме отворени кон луѓето и кон животот, дури и кога денот не ни дава многу причини за тоа.

Од што најмногу се плашите, не за себе, туку за луѓето што ги сакате?

– Не сум човек што живее во стравови. За луѓето што ги сакам повеќе се надевам отколку што се плашам. Ако сме разговарале искрено, ако сме ги споделиле вистинските вредности и животни принципи, тогаш секој понатаму треба сам да го изоди својот пат. Секако, посакувам да бидат здрави, спокојни и среќни. Но, ако од нешто би се плашел, тоа е да не ја изгубат човечноста, достоинството и почитта кон себе и кон другите. Сè друго е дел од животот и се надминува.

Џина Папас Џокси – Радоста е избор да останеме отворени кон луѓето и кон животот, дури и кога денот не ни дава причини за тоа./Фото: Приватна архива

Што научивте за љубовта со текот на годините? Дали таа е нешто што се учи, нешто што се гради или нешто што треба внимателно да се чува?

– Со текот на годините научив дека љубовта е сето тоа заедно. Таа се учи, затоа што никој не се раѓа знаејќи како да сака. Таа се гради, затоа што не опстојува сама од себе, туку бара време, доверба, трпение и разбирање. Но, исто така, научив дека љубовта треба внимателно да се чува. Не затоа што е кревка, туку затоа што е вредна. Како и секоја важна работа во животот, ако ја земеме „здраво за готово“, полека почнува да се губи.

Можеби токму затоа љубовта не е само чувство. Таа е и одлука, и посветеност, и грижа што ја покажуваме секој ден.

Што Ви е потешко: да простите, да побарате прошка, да се извините или да заборавите, и што мислите дека тоа открива за еден човек?

– Често велиме „прости за да ти биде простено“, и во тоа има голема мудрост. Но, реалниот живот понекогаш е посложен од изреките. Не мислам дека секое зло што човек ќе го доживее може лесно да се прости, ниту дека секоја рана може да се заборави. Особено кога некој со свои постапки или зборови оставил длабока трага. Зборовите знаат да повредат повеќе од многу други работи, а токму нив најтешко ги бришеме од сеќавањето.

Затоа, за мене, најтешко не е да побарам прошка или да се извинам кога знам дека сум згрешил. Најтешко е да заборавам. Не од инает, туку затоа што некои искуства остануваат како лекција што човек ја носи понатаму.

Мислам дека начинот на кој простуваме, се извинуваме или паметиме многу говори за нашиот карактер.

Но, исто така, мислам дека е човечки некои работи да не можеме целосно да ги избришеме од себе.

Која вистина за луѓето најдоцна ја прифативте, а откако еднаш ја сфативте, повеќе не сте можеле да гледате на светот на ист начин?

– И денес верувам во луѓето. Така сум воспитан и не сакам да живеам со сомнеж кон секого што ќе го сретнам. Но, со текот на времето научив дека луѓето најмалку треба да се проценуваат според она што го зборуваат, а најмногу според она што го прават. Постапките сами ги класифицираат луѓето многу појасно од кој било збор, титула или ветување. Некогаш ми требаше повеќе време за да го сфатам тоа, а денес внимателно ги следам делата, а не само намерите.

Сепак, тоа не ми ја одзеде вербата во луѓето. Само ме научи подобро да ги разбирам. Прифаќам сè што е блиску до моето разбирање и до вредностите во кои верувам, а за останатото се трудам да не судам пребрзо. Можеби тоа е вистината што најдоцна ја прифатив: дека не се сите луѓе исти, но секој човек порано или подоцна самиот ќе покаже кој е преку своите постапки.

Што Ве смирува кога сте под најголем внатрешен притисок?

– Кога сум под најголем внатрешен притисок, најчесто тоа се случува кога сум почнал нешто, имам јасна намера, но во моментот немам јасна насока како да го завршам. Тогаш не форсирам. Му давам време на сè да стивне. Излегувам на кратка прошетка, се оддалечувам од задачата и од мислите што ме оптоваруваат. Паркот ми е близу, но понекогаш и не ми е потребен парк. Доволно е да погледнам во небото. Таа бесконечност некако ги става работите на свое место и ме враќа во рамнотежа.

И во тие моменти сфаќам дека не секое решение доаѓа со притисок, туку со малку тишина.

Постои ли нешто што со текот на времето престанавте да го барате, не затоа што сте го добиле, туку затоа што сте се промениле?

– Со текот на времето човек се менува, а со него се менуваат и неговите желби, приоритети и начинот на кој гледа на работите. Секогаш сум се прилагодувал на тие промени, без да чувствувам дека нешто губам. Има работи што некогаш ми биле важни и сум ги барал со силен интензитет. Денес, можеби не се во прв план, но тоа не значи дека се заборавени или неважни. Само животот ги преместил на друго место во мојата внатрешна хиерархија. Не гледам на тоа како на откажување, туку како на природен тек. Човек не престанува да бара затоа што се предал, туку затоа што се променил.

Кога првпат сфативте дека некои работи не се поправаат и, што со таа вистина понатаму?

– Со текот на животот човек сфаќа дека некои работи едноставно не се поправаат веднаш, а некои можеби никогаш нема да се поправат на начинот на кој сме замислувале. Таквите работи не ги бришам, но ги оставам настрана, како нешто што постои, но не ме држи постојано во тензија. Ако некогаш дојде момент да се вратам на нив, ќе се вратам. Ако не, животот оди понатаму.

Научив дека е важно човек да не се оптоварува со нешта што не може да ги реши во дадениот момент. Тоа не е бегство, туку начин да не дозволиш нерешеното да ти стане товар што те кочи. Затоа продолжувам понатаму, со свест дека некои прашања остануваат отворени, но не мора секогаш да бидат тежина.

Што за Вас денес претставува вистински успех, а што нема никаква врска со признанијата, аплаузите и туѓите очекувања?

– За мене вистинскиот успех денес не е поврзан со признанија, аплаузи или туѓи очекувања. Тие можат да бидат убави, но не се суштината. Најголемото признание го добивам дома, од семејството. Тие се првите што ќе ти кажат искрено кога нешто е добро, но и кога нешто не е. И токму таа искреност е највредната форма на поддршка.

Но вистинскиот успех за мене е нешто потивко и постојано – да знам дека живеам во склад со себе, дека она што го правам има смисла за мене и за луѓето околу мене, и дека на крајот на денот можам мирно да заспијам. Сè друго е дополнување, не мерило.

Кога би можеле да му се заблагодарите на животот за само една работа, без долго размислување, за што би била таа благодарност?

– Ако би можел да му се заблагодарам на животот за само една работа, без многу размислување, тоа би било што ме оставил човечен. Што и покрај сите искуства, луѓе, падови и подеми, не ми ја затвори способноста да верувам, да се восхитувам и да гледам со надеж кон работите и кон луѓето. Мислам дека тоа е најголемиот подарок – не тоа што животот бил лесен, туку тоа што не ме направил рамнодушен.

ИНТЕРВЈУ | „Човекот зад името“ — Владимир Мартиновски: Бегството од себеси е невозможна мисија

ИНТЕРВЈУ | „Човекот зад името“ — Ана Бунтеска: Човек се менува само тогаш кога самиот сака

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот