ВИДЕО | Холандија ја прегази Шведска и дојде на чекор од нокаут фаза
Репрезентацијата на Холандија направи голем чекор кон осминафиналето на Светското првенство откако убедливо ја совлада Шведска со 5-1 во второто коло од групната фаза.
Препорачано
„Лалињата“ уште од самиот старт го наметнаа своето темпо и со два брзи гола на Брајан Броби во првите 17 минути ја најавија победата. Напаѓачот најпрво погоди по асистенција на Коди Гакпо, а потоа повторно беше прецизен по додавањето на Дензел Думфрис.
Шведска се обиде да се врати во игра и создаде неколку добри можности, но Ајари и Ѓокереш не успеаја да ја затресат мрежата на противникот. Секоја надеж за пресврт исчезна веднаш по паузата кога Гакпо со два гола во првите девет минути од второто полувреме ја зголеми предноста на Холандија на убедливи 4-0.
Еланга успеа да постигне почесен погодок за Швеѓаните, но конечните 5-1 ги постави Самервил во самиот финиш од средбата.
Со освоени четири бода Холандија се наоѓа на врвот на табелата и во последното коло против Тунис ќе ѝ биде доволен и бод за официјално да го потврди местото во нокаут фазата. Шведска, пак, по убедливиот триумф над Тунис во првото коло и тешкиот пораз денес, ќе мора против Јапонија да ја бара својата шанса за пласман меѓу најдобрите 32 селекции.


