Десет пати поголеми казни за маркетите што прават профит на грбот на граѓаните, најави Мицкоски
Нов состанок со претставници на маркетите и дистрибутерите на почетокот на следната недела, како и законски измени со кои значително ќе се заострат санкциите за компаниите што применуваат нефер трговски практики, најави премиерот Христијан Мицкоски.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски посочи дека Владата ќе испрати јасна порака до учесниците на пазарот во однос на нивното однесување и почитувањето на правилата за фер конкуренција.
-Во понеделник ќе одржиме нов состанок на кој ќе упатиме силна порака за начинот на однесување на пазарот. Воедно, законските измени се во завршна фаза и предвидуваат десеткратно зголемување на казните за маркетите што ќе се однесуваат нефер – изјави премиерот.
Тој најави и засилени инспекциски контроли на терен со цел откривање и санкционирање на евентуални злоупотреби, а ги повика производителите, добавувачите и дистрибутерите активно да пријавуваат случаи на нефер трговско однесување.
Според Мицкоски, дел од злоупотребите се реализираат преку посреднички фирми и дополнителни услуги за кои се наплатуваат таканаречени „ројалити“ надоместоци, што, како што оцени, претставува прикриена форма на нефер трговска практика.
-Кога ќе се изврши инспекциски надзор, во сметководствените книги често сè изгледа уредно, но преку трети и четврти канали се наплатуваат дополнителни трошоци. Позиционирањето на производите на полиците и ваквите надоместоци се јавна тајна за која сите зборуваат. Затоа ги охрабрувам компаниите да сведочат и да пријавуваат за државата да може да реагира – истакна тој.
Во однос на инфлацијата, оцени дека Македонија има една од пониските стапки во регионот и изрази очекување дека таа дополнително ќе се намалува со стабилизирањето на меѓународните економски услови и смирувањето на кризата на Блискиот Исток.
Според него, во повеќе земји од регионот инфлацијата е повисока отколку во земјава, додека домашната стапка моментално се движи меѓу 4,5 и 4,7 проценти.


