Предлог-законот за игри на среќа ги судри државата и приватниот сектор
Предлог-законот за игрите на среќа и за забавните игри, кој Владата го достави до Собранието на 14 мај, предизвика остри реакции и спротивставени ставови меѓу државните институции, приватните компании и вработените во секторот на јавната расправа на Комисијата за финансирање и буџет, посветена на Предлог-законот за игрите на среќа и забавните игри.
Препорачано
Директорот на Државната лотарија, Александар Климовски, на јавната расправа се заложи државата да го задржи монополот врз организирањето на онлајн игрите на среќа. Според него, ваквиот пристап ќе обезбеди поголема контрола врз приредувањето на игрите, подобра заштита на играчите и директно зголемување на приходите во државниот буџет.
„Доколку државата ги организира игрите на среќа на интернет, приходите ќе се слеваат директно во буџетот, наместо да завршуваат кај странски компании“, изјави Климовски, притоа нагласувајќи дека приватните приредувачи не треба да добијат пристап до овој пазар.
Неговиот став е во директна спротивност со барањата на приватните компании, кои предупредуваат дека предложеното решение создава државен монопол и ја нарушува пазарната конкуренција.
Стопанската комора, исто така, побара целосно повлекување на законот. Претставничката Даниела Михајловска Василевска оцени дека измените се носат без соодветна анализа и ќе имаат сериозни последици врз легалните компании и државниот буџет.
Силни критики упатија и здруженијата на вработени и приредувачи. Претседателот на здружението „Сакам да работам“, Горан Крстевски, предупреди дека илјадници вработени се соочуваат со неизвесност и ризик од губење на работните места.
„Осум години живееме во неизвесност и страв дали ќе останеме без работа и ќе бидеме принудени да се иселиме“, рече Крстевски, додавајќи дека одредбата за задолжителна дистанца од 500 метри од училишта практично значи затворање на сите легални објекти.
Од правен аспект, адвокатот Филип Стоименов оцени дека делови од законот се противуставни и дискриминаторски, посочувајќи дека се косат со уставно загарантираната слобода на пазарот и претприемништвото. Тој укажа и на нелогичности во предложените мерки, особено во делот на онлајн игрите и забраната за рекламирање.
Според Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС), секторот годишно обезбедува над 350 милиони евра приходи во буџетот и поддржува десетици илјади работни места. Тие предупредуваат дека рестриктивниот пристап може да доведе до пораст на сивата економија, посочувајќи го примерот со Албанија.


