За едни спас од зависности, за други загубени работни места- што носи Предлог-законот за игри на среќа?
Не стивнуват рекациите во јавноста, откако се најави влегувањето на Предлог-законот во собраниска процедура. Според предложената регулатива, автомат клубовите и сите објекти со електронски игри на среќа ќе мора да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта. Има рестрикции и за рекламирањето
Новиот Предлог-закон за игрите на среќа и забавни игри предизвика многу реакции во јавноста, откако Владата најави построги ограничувања за казината, автомат-клубовите и обложувалниците, со образложение дека целта е заштита на младите и намалување на зависноста од коцкање. Додека Владата и дел од политичките партии тврдат дека законот ќе стави ред во индустријата и ќе ги заштити децата, Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа – АПИС предупредува дека мерките ќе доведат до затворање на легалните објекти, губење илјадници работни места и отворање простор за нелегални играчници. Партијата Левица пак вели дека прдвиденото дислоцирање од 500 метри е мало и коцкарниците мора да бидат многу подалеку од децата.
Според законот за обложувалниците е предвиден компромис, тие ќе можат да работат и ако се наоѓаат во близина на училишта, но нема да смеат да поставуваат електронски видео-лотариски терминали и друга опрема за електронски игри на среќа.
Препорачано
„Нова фаза“ против зависностите
Од Владата велат дека со законот започнува „нова фаза“ во борбата против зависностите и агресивното рекламирање на коцкањето.
-Со ова започнуваме нова, посериозна и поодлучна фаза во борбата против нелегалното приредување игри на среќа, агресивното рекламирање и злоупотребите кои со години нанесуваат штета врз граѓаните, особено врз младите, децата и семејствата- соопшти Владата.
Од таму додаваат дека коцкањето не смее да се претставува како нормален стил на живот за младите генерации.
-Испраќаме јасна порака дека коцкањето не смее да се нормализира, ниту да се претставува како стил на живот пред младите- велат од Владата.
Од Левица велат дека измените се задоцнети, но неопходни. Од партијата сметаат дека коцкарската индустрија со години остварувала огромни профити на сметка на граѓаните и дека државата конечно мора да воведе построги правила. Според нив, проблемот со коцкањето одамна е излезен од контрола и младите секојдневно се изложени на реклами, обложувалници и казина во непосредна близина на училиштата.
-Не може профитот на коцкарниците да биде поважен од здравјето и иднината на младите. Државата мора да избере дали ќе ги штити децата или интересите на коцкарските лобија- велат од Левица.
Од партијата додаваат дека проблемот не е само во физичката близина на објектите, туку и во агресивното рекламирање и лесната достапност на игрите на среќа.
-Со години гледаме како обложувалници никнуваат на секој чекор, додека зависноста од коцкање станува сериозен социјален проблем. Потребни се уште построги мерки и многу посилна контрол- велат од партијата.
АПИС: Без работа ќе останат околу 10.000 луѓе
Предложените мерки предизвикаа жестока реакција од АПИС, од каде велат дека новите правила практично ќе значат затворање на речиси сите легални казина и автомат клубови во урбаните средини.
-Дистанцата е дискриминаторска и уставно спорна одредба која директно ја ограничува слободата на пазарот и претприемништвото-, велат од АПИС.
Од Асоцијацијата тврдат дека заштитата на младите е и нивен приоритет и дека немаат проблем со дел од ограничувањата, особено оние поврзани со рекламирањето. Сепак, тие предупредуваат дека мерката за задолжителна дистанца од 500 метри е неприменлива во пракса и може да предизвика сериозни економски последици.
-Затворањето на легалните објекти за игри на среќа ќе предизвика отворање на објекти на црно по подруми каде младината ќе биде лесна цел- предупредуваат од АПИС.
Од таму тврдат дека државниот буџет би можел да изгуби околу 350 милиони евра годишно, а без работа би останале околу 10 илјади луѓе. Дополнително, според нив, негативни последици би почувствувале и повеќе други индустрии поврзани со секторот.
Во меѓувреме, Владата останува на ставот дека измените се компромисно решение кое треба да воспостави подобар баланс меѓу економските интереси и заштитата на младите.
Се очекува Предлог-законот во наредниот период да влезе во собраниска процедура, каде што најверојатно ќе следува жестока политичка расправа. Додека едни предупредуваат дека ќе се изгубат илјадници работни места и ќе се отвори простор за нелегален пазар, други сметаат дека конечно се преземаат чекори за ограничување на индустрија која, според нив, предолго била оставена без доволна контрола.


