Рачен багаж / Авион - Фото: Pexels

Крај за скриените трошоци — ЕУ одлучи рачниот багаж да се вклучи во цената на авиобилетите, се воведува и надомест до 600 евра за доцнење на летови

Од следната година, патниците на летови од или кон Европската унија ќе имаат право да патуваат со две парчиња рачен багаж, без авиокомпаниите за тоа да им наплатуваат дополнително. Наместо тоа, авиокомпаниите ќе мора да ја прикажуваат цената на билетот веќе со вклучен рачен багаж, а патниците ќе можат да се откажат од тоа ако не носат багаж, со што цената би била пониска, пишува „Телеграф“.

Владите на земјите членки на ЕУ и европратениците стигнаа до долхо очекуваниот договор за цените на авиобилетите и за правилата кои ќе важат во целата Европска унија. Преговорите траеја 13 години поради несогласувања меѓу земјите членки и противење од авиокомпаниите, кои тврдеа дека овие промени ќе доведат до повисоки цени на билетите.

Експертите сметаат дека мерката за бесплатен рачен багаж е повеќе формална отколку реална, бидејќи тоа кај евтините авиокомпании може значително да ја зголеми цената на билетите.

Членовите на Европскиот парламент претходно бараа патниците да можат да носат две парчиња рачен багаж без дополнителен трошок.

Сепак, комбинацијата од куфер на тркала и мал ранец е тешко изводлива во услови на типичен нискобуџетен авион, па затоа дел од багажот би морал да оди во товарниот дел, што би предизвикало доцнења. Затоа е постигнат компромис: билетот од старт да ја вклучува цената на рачниот багаж, уште при резервацијата.

Кои седишта во авион се најдобри за долги патувања

Кога новите правила ќе стапат во сила следната година, ќе се забрани и наплата на такси за родители и за старатели да седат покрај деца или лица со попреченост.

На состанокот во понеделникот, владите на ЕУ и Европскиот парламент, исто така, постигнаа договор за ажурирање на правилата за правата на патниците и на надоместите за доцнења на летови.

Ако летот доцни повеќе од три часа или е откажан, патникот ќе може да побара компензација од 250 до 600 евра, во зависност од должината на летот.

Авиокомпаниите ќе можат да ја намалат компензацијата за 50 проценти кај долги летови ако понудат алтернативен лет или ако проблемот е предизвикан од природна катастрофа, лоши временски услови, војна или штрајкови.

Патниците ќе имаат право на една лична торба и на мал куфер на тркала.

Новите правила ќе важат за сите летови во ЕУ, без разлика дали ги изведува авиокомпанија од ЕУ или надвор од неа. Тие важат и за сите летови што излегуваат од ЕУ, без разлика каде е седиштето на авиокомпанијата.

Летовите кон ЕУ од земји надвор од блокот се опфатени, но само кога ги изведуваат авиокомпании од ЕУ, што значи дека не-ЕУ превозниците сè уште би можеле да наплатуваат дополнително на летови кон Европа.

Европратениците бараат забрана за наплата на рачен багаж од патниците

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот